500x100-1

Станковски: Вистинската љубов кон уметноста никогаш не престанува

Тони Станковски

Тони Станковски, режисер-аматер, на крајот на минатата година ја режираше претставата „Ожалостена фамилија“ од Бранислав Нушиќ, која наиде на одличен прием кај публиката.

Откако слегнаа работите во интервју за Кумановоњус, Станковски зборува за љубовта кон уметноста, актерството и музиката, но и плановите на Младинскиот аматерски театар.

1. Неодамна ја режиравте претставата „Ожалостена фамилија“ од Бранислав Нушиќ, за Младинскиот аматерски театар. Какви се импресиите од премиерата?

Премиерата помина и подобро од моите очекувања, горд сум на мојата екипа за одличната изведба, иако се аматери покажаа висок професионализам. За премиерата се бараше билет повеќе. Картите беа продадени за два дена, што само по себе покажува колкава е заинтересираноста на граѓаните на Куманово за добра театарска престава. Наредниот ден добив преку 200 телефонски повици од луѓе кои ја гледале претставата и они што слушнале како било, сите ми честитаа, и бараа што поскоро да направиме реприза. Тоа ми потврдува дека направивме добра работа за почеток и треба да продолжиме со ист интензитет, но се подразбира дека ќе настојуваме секој нареден проект да биде подобар од предходниот.

2. Кога повторно ќе се игра претставата?

 Претставата ќе се игра на 15 јануари во вторник од 20 часот во Народниот театар Куманово.  Билетите ќе бидат во продажба од утре и сите љубители на театарската уметност можат да дојдат и да ја видат првата реприза. Се надевам дека интересот ќе биде голем и ќе имаме уште едно одлично прикажување пред публиката.

3. Колку време ви беше потребно да ја подготвите претставата? Колку лица се вклучени во нејзина реализација?

Заедно со мојата сопруга Христина претставата ја подготвивавме околу 8 месеци, земајќи ги во предвид условите во кои работевме, а и училишните обврски на младите. Актерската екипа ја сочинуваат 11 младинци на возраст од 16 до 19 години и тоа Мики Јаневски, Јована Стоилковска, Стефан Тасиќ, Марко Ѓорѓиевски, Јована Давиткова, Марко Апостоловски, Ангела Димевска, Симона Атанасовска, Иван Трпевска, Бојан Крстевски и Александра Димитриевска. Претставата ја работевме во Центарот за култура, и голема благодарност до менаџерскиот тим што ни го отстапија просторот. Се надевма дека ја оправдавме довербата, бидејќи ја наполнивме салата до последното место.

4. Задоволни ли сте како младите артисти ја донесоа комедијата на сцена?

За целиот временски период додека ја подготвуваме преставата целата екипа работеше максимално посветено, послушно и со голема енергија и ентузујазам. Затоа како финален производ добивме одлична престава со инзвореден перформанс на младите актери со оглед на тоа што повеќето од нив се прв пат на сцена. Намерно ја преведовме претставата на кумановски дијалект за да ја приближиме на нашите сограѓани, но истовремено и да биде различна од другите поставувањето на другите сцени.  Се одлучивме да ја обработиме „Ожалостена фамилија“ од Бранислав Нушиќ, бидејќи е безвременска претстава, напишана пред околу 100 години но го одсликува и денешното време, бидејќи лицемерието и лакомоста на луѓето по туѓо не прави разлика исто како и пред 100 и повеќе години. Сето тоа прикажано на хумористичен начин со кумановски дијалект, публиката го поздрави и награди со громогласен аплауз што е и најголема награда и признние за еден театарски уметник.

5. Од кога постои Младински аматерски театар?

Оваа екипа ентузијасти и вљубеници во театарската уметност кои сами се нарековме Младински аматерски театар се создаде на почетокот на годината и ова е наш прв театарски проект, по што ќе следи наше официјализирање како здружение и во иднина многу повеќе активности. Мислам дека во моментот недостасуваат вакви креативни кружоци на младите, каде можат да го покажат својот талент, и тоа да им биде патоказ каде да се определат во професијата и животот.

6. Во Куманово последните години замре културниот живот. Големата посетеност на претставата покажува дека публиката сака театар. Што следно ќе работите?

Аматерскиот театар години наназад воопшто и како да не постои во Куманово. Јас имам среќа што сум од таа генерација која во своите тинеџерски години имавме огромна аматерска театарска активност, по неколку премиери годишно, активно учество на аматерски фестивали од кои секогаш се враќавме со награди и активно ангажирање на аматерите во професионални театарски престави и разни манифестации. Сакаме повторно да го заживееме аматерскиот театар во Куманово и да испровоцираме уште млади вљубеници во театарската уметност за да и самите се пробаат во актерство. Имаме многу планови за иднина, но сега засега тоа нека стане тајна. Само ќе кажам дека напролет почнуваме со нов театарки проект.

7. По вокација сте дипломиран цариник, по професија банкар, а во слободно време режисер-аматер?

Со театарот се дружам од моите  10 години каде прво бев член на драмската секција која ја водеше бардот на Кумановскиот Театар Живко Пешевски, а подоцна во кариерата во усовршување на глумата работев и со живата легенда на македонскиот театар и филмот Митко С. Апостоловски. Во театарските води поминав 9 години каде имам играно во над 10 професионални театарски престави режирани од најголемите македонски режисери како Љубиша Георгиевски, Сашо Миленковски, Ацо Алексов и други. Играв и во над 20 аматерски театарски престави, бев водител во неколку локални радио станици на забавни радио емисии како и на сопствена емисија за музика и забава на некогашната Кумановска телевизија КТЛ. Активно се занимавам и со музика свирам на ритам и на бас гитара, бев член на популарнот кумановски рок бенд „ТБ ТРАЧЕРИ“ каде свирев бас гитара. За моја несреќа по завршување на средното училиште Академијата за драмска уметност имаше пауза од три години за упис на нови студенти, па така морав да изберам друга професија. Дипломирав на Факултетот за туризам и угостителство отсек царина и шедиција, а од 2004 година моето работно место е банкар. Кога нешто вистински сакаш љубовта никогаш не умира, така и мојата љубов кон театарот никогаш не престана. Случајната средба со неколку млади луѓе кои имаа желба да направат театарска претстава, но им требаше помош повторно го разгоре оганот и еве успеавме заедно со мојата сопруга, која исто како мене членуваше во драмската секција каде и се запознавме и сме заедно 23 години.

8. Кои се плановите за понатаму?

Моите планови во професианлната кариера се насочени кон усовршување во банкарското работење, а што се однесува до театарот ќе работиме се додека има млади луѓе кои искрено ја  сакаат театарската уметност. Планираме да направиме квалитетен аматерски театар, кој со добри претстави ќе го преставува Куманово во државата, но и надвор од неа.