500x100-1

БЕЛА ЛАЃА

Милош Стаменковиќ

Во 2006. година се појави телевизиска серија „Бела лаѓа“ според сценарио на брилијантниот Синиша Павиќ. Хумор, сатира и забава на широките народни маси, за жал, многу брзо стана реалност на Балканот. Во една од епизодите слушаме интересен дијалог помеѓу Пањковиќ и Среќко Шоиќ:

„Али шефе, то је немогуќе!!!

Пањковиќу кад ја доѓем на власт, све што је сада могуќе, постаќе немогуќе. И све што је сада немогуќе, постаќе могуќе.“

Во кумановска верзија на „Бела лаѓа“ овој дијалог на капетанот на бродот со првиот соработник ќе звучи на поинаков начин: „ Се што треба да се направи од почеток, ќе го правиме од крајот. И се што треба да завршиме, ќе го вратиме на почеток.“

Последниот потег на локалната самоуправа сосема ја оправдува оваа аланфордовска максима.

Тротоарите на Октомвриска револуција, и во секој дел на градот, дефинитивно треба да бидат единствено за пешаците. Тротоарите се за пешаци, а улицата за автомобилите. И се би било перфектно, доколку ова е завршница на решавањето на проблемот со паркингот, а не сам почеток. Компаративно прикажано градоначалникот применува специјална тактика на шминкање проблемите по секоја цена, или медицински ќе ги лечиме последиците, а за причината на болеста нека му мисли пациентот, во нашиот случај граѓаните. Исто како да нашминкате човек во последен стадиум на канцер на белите дробови, за да излезе на улица, да го видат луѓето дека е здрав.

Замислете логиката на одговорните во Куманово да ја користеле во Истанбул, Рим или Солун. Ќе направеле хаос од кој никогаш нема да се оправат. Но, за среќа во тие градови не може „случајно“ да станете градоначалник.

Сепак односот на политичарите кон Куманово дефинитивно може да го објасни единствено Радомир Константиновиќ во делото „Филозофија на паланката“. Тој продорно и убедливо го анализира феноменот на паланка, како дух на затвореност, страв од светот од другата страна на ритчето. Дух на племенска соборност, поради страв од сопствено незнаење и зазорност од секаква промена. Првенствено филозофија која има паничен страв од непознато, поинакво.

Ако за момент, се ослободат од филозофија на паланката, ќе приметат дека критиката не е хејтање. Критиката напаѓа функција, а хејтањето личност. Можете да бидете најдобрата личност и истовремено тотално неспособен за извршување на одговорна функција. Кога ќе се надминат паланачките манири ќе стане јасно дека не треба да бидеш паметен, ниту интелигентен, доволно е да ги видиш искуствата на другите градови и да ги примениш на соодветен начин.

Во случајот со тротоарите и паркинг просторот, проблем е несоодветна урбанизација на Општината. Поточно делувањето на урбаната мафија за која се најавуваше безмилосна борба. И се остана на зборови во согласност со кампања „Збор е збор“.

Куманово има прилика да го реши проблемот со паркинг за наредни 50 години. За жал, таа можност ја имаме поради разурнатото стопанство со катастрофална приватизација во 90- ти години. Во централно градско подрачје се наоѓаат хотелот Кристал и фабриката Жито - Мел. И двата објекта се во сопственост на Владата, поточно во управување на Управа за јавни приходи. Бидејќи и градоначалникот и Владата се од СДСМ, заедно може да му помогнат на Куманово да ги откупи, или да им се подарат објектите на општината. И така се градени во самоуправувањето од придонесите на работниците. Истите објекти, на јавен конкурс, да се понудат на угледни бизнисмени, кои ќе изградат доволен број паркинг места, а дел би го направиле комерцијален простор во нивна корист. Инаку зошто би инвестирале. Патем речено во втората половина на 19-ти век на овој принцип се изградени Соединетите Американски Држави.

Во овој случај единствен ненадминлив проблем е суетата и ефтини лични интереси. Како може некој да дозволи да заработи бизнисменот кој не е „наш“ од нашата партија. Како да се дозволи симпатизер на ВМРО да профитира, без разлика што ќе го реши деценискиот проблем, кога тоа по дифолт треба да припадне на некој шверцер на мигранти кој обезбедува 200 партиски гласа или новокомпониран бизнисмен од Банево Трло. Без Долно и Горно Којнаре не може да помине ниту отворање трафика во Зелен рид, а камоли некој вносна бизнис зделка.

Освен тоа имаме парадокс од невидени размери. Ги ослободуваме тротоарите(повторувам дека во крајна инстанца тоа е најдобро и единствено исправно решение) а истовремено се потпишуваат решенија за градење згради. Или во превод, се бориме за граѓаните а соработуваме со урбаната мафија. Па да прашам до каде таа долго најавувана борба?

За крај би замолил, ако никој не може да ги убеди дека се работи за циркус, барем да ја сменат бојата на столпчињата. Колоритот на столпчињата не е прашање на вкусот. Бојата дефинитивно е избрана на конкурс според холандски модел „Ван Град“. Кој и да одлучувал извесно е дека има огромен талент за местење новогодишна расвета или организирање собор во Герман на Макавеии.

Ако сепак победи филозофијата на паланка, и по секоја цена кумановската „Бела лаѓа“ ја направат како циркус Медрано, единствено останува Кумановчани да го напуштат бродот или да го сменат капетанот.

Милош Стаменковиќ

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*