500x100-1

Колумна: Тамбурашки фестивал „Куманово 2018“

Милена Строимановска

Зад нас е уште еден успешен Меѓународен тамбурашки фестивал „Куманово 2018“, од кој сеќавањата се се уште свежи, а емоциите најразлични, од радост до солзи…

Не можам да останам имуна на претходната колумна на нашиот сограѓанин Бране Петрушевски, со оглед на фактот дека присуствував на сите трите фестивалски вечери и можам слободно да упатам само пофални зборови за одличната организација и реализација на истиот.

Ставањето политички акцент на ваква манифестација како што е Тамбурашки фестивал, фралањето дрва и камења по организаторот на фестивалот и градоначалникот Максим Димитриевски, се чисти небулози, можеби лични фрустрации, а и голема неинформираност од страна на нашиот сограѓанин.

Почитувани, дали знаете дека овој Тамбурашки фестивал беше 14 -ти по ред?Дали по Вас е во ред нешто што станало традиција, нешто по кое Куманово стана препознатливо во Република Македонија а и на Балканот, нешто на кое Куманово е гордо, сето тоа новиот Градоначалник одеднаш да го запре и згасне?

Дали знаете колку естрадни уметници од градот и Република Македонија, колку тамбурашки оркестри домашни и од Балканот земаа учество на фестивалот?

Дали некогаш сте биле дел од организирање на манифестација од ваков тип, па со таква леснотија критикувате?

За Ваша информација, фестивалот беше максимално посетен на сите три вечери, од кои првата беше посветена на нашиот почитуван, неодамна починат сограѓанин Драгомир Шојиќ и композиторот Миодраг Божиновски, а публиката во еден глас ги пееше нивните песни.

За огромна почит е 35-годишното творење на нашата музичка естрада на директорот на фестивалот Нино Величковски, кој што јубилеј оваа година се поклопи со 14-то издание на тамбурашки фестивал и на пригоден начин беше одбележан.

Можеби и ова не е во ред, можеби и тука ќе барате политички мотиви и ќе го окривите новиот Градоначалник што го одобрил овој настан, но многубројните признанија од директорите на тамбурашките фестивали ширум Балканот, а наменети на директорот на фестивалот, го говорат спротивното, дека тој е познат и признаен кај сите нив, а со тоа го промовира и нашиот град.

Дали знаете дека сите поканети естрадни уметници и тамбурашки оркестри ја прифатија понудата да гостуваат и се одзваа без никакво двоумење? Дали овој податок Ви говори нешто?

Сите учесници на фестивалот од земјава и од странство беа пречекани и угостени, во рамки на нашите можности како што доликува на еден културен град и културна манифестација. Сепак ние Кумановчани важиме за добри домаќини!!!

И за крај, смислата и идејата на Фондацијата за култура и спорт е всушност таа-да организира и поддржува културни манифестации каков што беше и Тамбурашкиот фестивал “Куманово 2018“.

Милена Строимановска, советник во Советот на Општина Куманово

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*