Македонија е нашиот дом

Дејан Ристов

На 17 јуни 2018 година, во преспанското село Нивици, на грчка територија, македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров и неговиот грчки колега Никос Коѕиас, го потпишаат долго најавуваниот договор помеѓу двете држави што би требало да стави крај на 26 годишната блокада на Македонија од страна на Грција. 

Содржината на договорот очекувано, катастрофална за македонскиот народ. Секаков договор за нашето име со грчката влада а посебно овој, подразбира помалку компромис а повеќе помирување со фанатичниот национал-шовинизам, кој неколку генерации е одлика на грчката општествено-политичка елита. Со потписот на Димитров, со кој се прекршува македонскиот устав, уште еднаш разулавениот национал-романтичарски сентимент, крајно непријателски насочен кон македонскиот народ, добива на формална валоризација од Владата на Зоран Заев.  

Деновиве, во провладините медиуми (речиси сите во државата) присутен е голем триумфализам и олеснување дека еве конечно го решивме спорот со Грција, но напротив  проблемот воопшто не е решен туку се мултиплицира сега, кога интезивно продолжи да се реализира нашето идентитетско обезличување. Неразбирливо е како можеше да дозволиме да бидеме вовлечени во пропагандната мрежа, која не наведе да бидеме следбеници на едно крајно манипулативно верување дека стоиме во место, дека со години како држава не можеме да просперираме, само затоа што еве не сме го решиле проблемот што Грците го имаат со нашето име. Во недостиг од визија и креативност, најголем дел од нашите интелектуалци, политичари и новинари не бомбардираа со тезата дека решението  односно, промената на сопственото историско име, ќе ги одблокирало евроатланските интеграции и конечно Македонија(со новото име) ќе може да зачекори кон посветла иднина. Обична манипулативна флоскула, како и онаа дека со договорот и брзиот влез, ќе се елиминирале безбедносните предизвици а со тоа ќе се зголемат инвестициите во државата. Како да сакаат во втор план да ги стават владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, ефикасноста на администрацијата, граѓанските слободи и права, поволната бизнис клима и многу други фактори кои би биле детерминирани од една општествена елита исполнета со  оптимизам и патриотска суштина. 

Ваквиот пропаганден наратив имаше ефект кон голем број на граѓани, кои еве до последен момент молеа и се надеваа конечно да се  реши овој повеќедецениски спор. Со толку распостранета апатија и малодушност меѓу граѓаните поминуваа многу спинови пласирани од самопрогласената авангарда, која ја поддржува актуелната власт на Зоран Заев. Од истите кругови извира еден несфатлив презир кон македонскиот национален идентитет,се во името на прогресот. Според нив единствена кохезивна точка која не држи заедно во една држава, нас Македонците заедно со Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и други е членството во ЕУ и НАТО. Не престануваат да шират дефетизам и да не убедуваат дека како народ не сме способни за било што, и затоа, мора час поскоро да се интегрираме во ЕУ и НАТО за да во таква нова констелација би можеле барем малку да се почуствуваме вредни, секако претходно обезличени. Ваквиот дискурс е производ на многу фактори, кои добиваат дополнителна стимулација во најновиот договор, со кој се прави  радикален раскин со нашата колективна меморија, традиција и национална самопочит.

Денеска секој народ слободно го истражува своето постоење, на свој начин ревитализира различни аспекти, настани и личности од историјата, без никакви пречки црпи енергија од своето долго постоење, само ние  македонците во крајна инхибиција и чувство на вина мора срамно да живееме. Со овој договор нема да завршат нашите проблеми, туку напротив се отвора уште една спирала на отстапки со кој се топи нашата национална свест, а со тоа и постоењето на нашиот колективен идентитет. Концесиите испорачани кон фашистичките елементи на политичките и интелектуални елити на соседните земји, нема да не ослободат ни за момент од негаторските напади кон нашето постоење.

Нашата Влада се однесува како да е трговско друштво, кое катадневно се пазари со нешто за што не смее ни да помисли, а тоа е нашиот национален идентитет, резултат на таквата политика е договорот во Нивици, кој детално предвидува бришење на македонците со цел на сцена да почне да се реализира нов северномакедонски идентитет .

Обидот рационално да се пристапи кон овој тотално ирационален спор, резултира со уште поголема ирационалност од наша страна која придонесе за национална катастрофа потпишана од Никола Димитров.          

Она што посебно загрижува е неинформираноста на меѓународната заедница и светот воопшто, за нашиот проблем. Тие што слушнале за договорот од Нивици, скоро сите се изманипулирани од страните кои го заговараа овој договор. Има обиди овој договор да се прогласи за мировен , а фактот што две држави се спогодиле за некое спорно прашање, нормално е секој во светот да го поддржи вклучително и актерот Расел Кроу кој воопшто не е запознаен со фашизоидната содржина и е само една од жртвите на пропагандата. Ова срамно и антицивилизациско моделирање на македонците, актуелната власт предводена од Зоран Заев се обидува да го претстави како визионерство, кое само по себе иницира храбра и одлучна(самоукинувачка) политика за интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО. Неопходно е во иднина да се поработи на запознавање на светската јавност со овој наш проблем, користејќи ги сите медиуми и контакти што можеме да ги добиеме.

Постои голема веројатност со промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија, да станеме единствен народ во 21 век, а можеби и во историјата, кој доброволно се откажал од својот национален идентитет. Лесно можеме да влеземе како точка за дискусија во многу научни и академски кругови во светот, форуми со социолошка, политиколошка културолошка па дури и антрополошка тематика, како некој феномен на колективно самоукинување, пејоративно дефинирани како “нортиевци”(northies).Секој во иднина народ кој би навлегол во самоуништувачки циклус, поткрепен со интезивно присуство на стокхолмски синдром, слично како кај  нас, македонците,  би се нарекувале  нортиевци, исто како што секој предавник и соработник со окупаторот веќе 78 години се нарекува “квислинг”.

Не смееме да дозволиме да ни се случи ова!!!Македонија може да биде и богата и просперитетна, само со слободни и национално освестени македонци а не со понижени,осакатени и идентитески отуѓени души. 

Договорот од 17 јуни треба да биде последниот аларм кој треба да не освести, дека конечно треба сите да расчистиме со една од најголемите пречки за национално обединување а тоа е призмата на меѓу-партискиот антагонизам, преку која со децении погрешно ги перципираме сите општествено-политички појави. Да ставиме крај на црно-белиот свет и како вистински браќа и сестри,без разлика на партиски и идеолошки несогласувања да се обединиме во  припадностa кон својот народ, македонскиот,  кој има своја држава Република Македонија.Она што мораме да го апсолвираме колку и да сме уморни и заплашени е дека нашиот дом се вика Македонија и дека ние сме македонци,тоа е нашата заедница,тука сме родени и поради тоа треба бидеме среќни затоа што имаме историска одговорност и обврска да ја продолжиме долгата и богата традиција на опстојување на нашиот народ, какви и да се предизвиците во иднина.Да живее Република Македонија!!!

Дејан Ристов-политиколог член на ВМРО-ДПМНЕ

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*