500x100-1

Министер од Данска

Милош Стаменковиќ

Реконструкцијата на Владата наиде на стотици коментари, од фалење на партиски послушници, преку ботови до хејтери и експерти. Најконтравезна одлука е смената на министерот за финансии и назначување на Зоран Заев, која се соочи со лавина негодувања и оспорувања.

Заев, сите мои очекувања, од промената на власта, ги сврте во спротивен правец. Но за прв пат, од Шарената револуција, влече потег со кој може нешто да направи. Зошто премиер за министер? Многу едноставно, бидејќи кадрите кои ги има соберено околу себе апсолутно се не компетентни за својата работа, и уште поважно немаат храброст за радикални потези. Ние сме упропастена држава веќе 30 години и ако продолжиме да функционираме по исти матрици, резултатот нема да биде променет.

За разлика од другите, јас сакам да го пофалам премиерот за смената на министерот Данска, Тевдовски. Но, останува нешто многу поопасно, сега екс министерот се враќа на местото професор на Економскиот факултет. Ќе ги учи нашите деца за работа која воопшто не ја разбира, и ќе креира научни работници, во иднина, кои нема да можат да го разберат светот на финансии.

Во својата книга „2014-та“ пишувана во 2001 година, го детектирам проблемот на денешнината во финансиски и религиозен фанатизам. Првиот проблем е одлуката на американскиот претседател Никсон од 15 август 1971 година за конвертабилноста на доларот, или откажување на правилото  „златен стандард“ воспоставен со Бретонвудскиот договор, на крајот на Втората светска војна. Со што сме доведени до финансиски свет на шпекулации. Тој потпис го нареков креирање на монструм со ген на самоуништување. Но, да го избегнам мојот став, поради коментарите на ботовите, ќе цитирам зборови на најпознатиот словенечки филозоф, Славој Жижек, кој се осврнува кратко на оваа тема во неговата книга „Ислам, атеизмот и модерноста“ во која пишува: „Главен извор на сите проблеми на денешнината е променетата улога на САД во глобалната економија. Економскиот циклус започнат во раните 70-ти години доаѓа до својот крај. Тогаш е родена монструозната машина која ја движи светската економија. Тој систем, поранешен министер на финансии на Грција, Јанис Варуфакис, го нарекува Глобален Минотаур.“

Што се случило?

Одлуката на Ричард Никсон е најрадикален потег во функционирањето на капиталистичкиот систем. До крајот на 60-тите години, американското стопанство повеќе не можело да продолжи со рециклирање на вишковите во Европа и Азија, нејзините вишкови се претвориле во дефицит. Администрација на САД во 1971 година одговорила на тој пад со смел стратешки потег. Тие не го решавале дефицитот на нацијата, туку решиле да направат спротивно, да го зголемат дефицитот.

Тука се наметнало прашањето кој ќе го плати дефицитот? И како секогаш одговорот е едноставен. Ќе го плати остатокот од светот со константен пренос на капиталот кој тече помеѓу двата океана.

Или преведено со наједноставен речник, денеска светот на финансии е минско поле, и ништо повеќе.

Затоа и сметам дека Тевдовски е најлошиот избор за министер за финасии од осамостојување на Македонија. Не може да имате министер, во систем на неолиберална економија со долар како психолошка категорија, кој се обидува упропастената држава да ја развие со штедење и враќање на долговите. Кредитите ни се даваат, од едноставна причина, никогаш да не ги вратиме. Дали нашата држава е должна 100 долари или 100 милијарди долари, не постои експерт кој ќе пронајде начин, во прифатени правила на ММФ и Светската банка, да ги отплати долговите. Тоа е возможно единствено во филмовите „Невозможна мисија“ со агентот Итан Хант.

Што е карактеристично за новата Влада на Македонија? Тоа се два факта. Ќе имаме премиер и министер на финансии на кој никој не може да му ја оспори храброста за влечење невообичаени потези ( без разлика дали се добри или лоши) и остатокот составен од куп медиокритети кои ниту имаат способности, а уште помалку знаење.

Во неговиот случај единствено може да направи сам да игра на се или ништо. И во таа игра најумен потег е самиот да донесува одлуки за државната каса.

И тука има две опции. Дали сака единствено да победи на следните избори и со задолжување да ги покачи платите и пензиите, без никаков економски проект и визија, или пак ќе преземе државнички стратешки план спротивен од досегашните. Останува да видиме.

Во првиот случај нема да направи ништо. Во првата варијанта ќе биде како грда девојка која направила нашминкана профилна слика на социјални мрежи.

Во второт случај има можност да се отргне од стегите на тесно партиските интереси, кои всушност и ќе го тргнат од власта на следните избори, бидејќи може да биде сигурен дека кадрите на СДСМ ќе го победат СДСМ на следните избори, никој друг, и да направи тим од странци кои ке работат на финансирање на развојните проекти, без мешање на политика.

Колумна е мал простор за изнесување на идеии од таков калибар, но може да се распраша кај советниците како се развила Германија на крајот на 19 ти век, и процесот на адаптирање на Источна Германија во една држава. Се работи за два екстремно спротивни концепти.

Но, да почекаме, на првото задолжување на државата ќе ни стане јасно дали новата стратегија на развојат, проектирана од Зоран Заев, е ефтина приказна или сериозна економска политика?

Милош Стаменковиќ

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*