×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „Градска софра-Селска трпеза„ со Мадам Коко и растргната баница

    05.11.2013 15:00 | KumanovoNews

    Дел од највкусните македонски специјалитети беа дегустирани на манифестацијата „Градска софра- Селска трпеза„ што викендов се одржа во ресторанот Грација.

    „Градска софра-Селска трпеза„ со Мадам Коко и растргната баница

    Баници, погачи, прои, мекици, салати, гравче тавче, специјалитетити од месо, зимница, колачи, торти, штрудли.. беа подготвени од вредните раце на кумановските домаќинки. Манифестацијата имаше за цел да ги презентира кулинарските вештини на жените од градот и од селото и да покаже дека нашите дами одлично се снаоѓаат во кујната при подготвување на традиционалните и современите јадења.

    На овој начин сакаме да ја сплотиме врската помеѓу селото и градот, да покажеме дека имаме потенцијал за манифестации кои ќе имаат поширок туристички карактер. Истовремено сакавме да ги презентираме обичаите, шегата, хуморот, одредени игри ора и песни кои се карактеристични за кумановско. Планираме оваа манифестација да биде традиционална и да допринесеме за развој на селото и да ги потенцираме вредностите на градот.- изјави Зоран Бојковски, претседател на Здружението Козјачието во срцета.

    Манифестацијата имаше натпреварувачки карактер, па силите во кулинарството ги одмерија жените од селата Пчиња и Старо Нагоричане и домаќинки од Куманово. По седум комплетни специјалитети имаше од двете кујни, а ги оценуваше стручно жири. Во конкуренција на градските јадења победи Милена Симоновска со масата „Мадам Коко“, додека младата Катерина Лазаревиќ од Старо Нагоричане беше најдобра со селски специјалитети.

    Главното јадење ми беше полнета кокошка која ја нареков Мадам Коко, салата со јогурт, павлака и желатин со мешан зеленчук, интегрална погача во облик на срце, а за десерт направив Васина торта. Сметам дека убаво декорираната маса беше пресудно да победам. Сите јадења што ги спремив се традиционални, но аранжирани на малку посовремен начин.-  вели Милена Симоновска.

     Катерина Лазаревиќ се омажила многу млада и специјалитетите ги научила од нејзината свекрва, па признава дека кулинарски вештини се нејзина заслуга.

    Јас вечерва подготвив растргната баница, гравче тавче во земјена тава, толчени пиперки, домашен ајвар, погача и проја. Не се надевав дека ќе победам иако досега имам учествувано на повеќе слични натпреварувања и имам освојувано награди. Ова ми е првпат со освоено прво место и многу сум задоволна и горда - вели Катерина.

    Манифестацијата ја организираат здружението Козјачие во срцето, Етно-Беба и ресторан Грација кои имаат планови за помасовно учество на натреварувачки и гости.

    Оваа ни е прва организација па одевме со ограничен број на учеснички затоа што и просторот толку дозволува. Но во иднина планираме тоа да го правиме на отворено и учесничките да ги подготвуваат специјалитетите на лице место.-додава Бојковски.

    Манифестацијата „Градска софра-Селска трпеза„, беше збогатена со културно уметничка програма во која учествуваше пензионерското културно-уметничко друштво „Ѓоко Симоновски„, а песни на кумановски дијалект читаа поетесите Силвана Бојковска и Јаготка Томовска. Потоа следуваше забава и дружење на учесничките и посетителите кои ги пробаа приготвените специјалитети.