×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Што посакуваат кумановци во Новата година

    09.01.2015 11:37 | KumanovoNews

    Многу здравје, среќа, љубов, вработувањa, дечиња и внучиња очекуваат политичарите и јавни личности од Куманово во Новата 2015 година.

    Што посакуваат кумановци во Новата година

     Вообичаено е на почетокот на годината да се редат многу желби, но многу од нив, за жал,  остануваат нереализирани. Поучени од искуството, кумановци се претпазливи во очекувањата, па повеќето  имаат скромни и реални желби. Прашавме дел од нашите познати кумановци каде се падна бадниковата паричка, која е синоним за среќа, и што очекуваат во Новата година за своето семејство и градот.

    Бадниковата паричка во семејството Дамјановски, годинава завршила во рацете на домаќинот, градоначалникот Зоран. Тој се сеќава дека последен пат кога ја добил паричката, во 2008 година, му донела среќа на изборите.

    Се надевам дека и оваа година паричката ќе ми донесе среќа, како на мене лично, така и на СДСМ. Тоа ми е желба, но не заради моја лична позиција, туку заради позицијата на мојата партија, да се етаблира како водечка во државата. Што се однесува до мојот ангажман во градот, сакам оваа година да се реализираат сите проекти од развојната програма, а пред се затворениот базен, изградбата на административната зграда, реализација на проектот за канализациона мрежа... Желба ми е Куманово, по две години летаргија и блокади, да тргне во позитивна насока. На личен план, јас имам возрасни деца, очекувам позитивни работи во нивниот емотивен живот, личен и професионален успех, семејството да биде среќно и задоволно,-вели градоначалникот.

    Во семејството на претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Драган Петковски, божиќната паричката паднала во фирмата „Софт-мак„.

    Првенствено посакувам да има здравје и среќа во семејството, и успех во работата на семејната фирма. Инаку оваа година ќе ни биде во знакот на раѓањето на моето прво внуче, значи ќе станам дедо. Тоа ќе донесе голема радост и среќа во целото семејство. Една од моите желби е Куманово конечно да мрдне од местото на успиеност и сивило. Граѓаните да почувствуваат некои подобри ветрови и времиња, кои ќе донесат подобар живот за граѓаните,- посака Петковски.

    Началничката на одделението за разузнавање и анализа и портпаролка на СВР Куманово Валентина Николовска, открива дека паричката на Бадник се паднала кај нејзиниот помал син Никола, кој има 12 години. Очекува дека тоа ќе му донесе уште повеќе среќа во кошарката и ќе има поголеми резултати и достигнувања во училиштето и спортот.

    Во оваа година посакувам да има многу здравје, љубов, слога и почитување во моето семејството, како што впрочем тоа беше и во изминатите години. Очекувам децата да продолжат да ми бидат одлични ученици и примерни деца, бидејќи тие се мојата гордост и мојот свет. Мојот живот е посветен за нивно правилно воспитување за да ги изведам на вистинскиот пат во животот. На градот му посакувам помалку криминал и помалку нарушувања на јавниот ред и мир,едноставно речено, помалку црна хроника, а повеќе убави и светли моменти. Да се почитуваме сите независно на националната, верска и политичка определба, - додава Николовска.  

    Во младото семејство на претседателот на општинската организција на СДСМ Мартин Костовски, годинава за прпат се подготвувала божиќна трпеза, а паричката се паднала кај неговата сопруга Ивана. Нивната најголема желба да се остварат како родители ќе се реализира оваа година, бидејќи Ивана е во петиот месец од бременоста.

    Раѓањето на нашето прво дете оваа година ќе биде нашата најголема радост. Посакувам се да помине во најдобар ред, за да уживаме во новата улога и во слатките обврски. На политички план посакувам во оваа година да има предвремени парламентарни избори и СДСМ да се врати на местото кое и припаѓа- државотворна партија што во наредниот период ќе ја води земјата, -посакува Костовски.

    Помалот син на Зоран Павловски, претседател на кумановскиот огранок на ЛДП, ја добил паричката во лепчето за Бадник. Кирил е студент на Факултетот за физичка култура и тоа значи дека оваа година среќата ќе биде на негова страна, а заедно со него и за целото семејство.

    Очекувам среќна и успешна година. Лично планирам оваа година да затворам некои финансиски конструкции за недвижности кои ги наследивме минатата година. Сметам дека на политички план годината ќе биде турбулентна. Нашата партија ја очекува конгрес, а најверојатно ќе има и парламентарни избори. На Куманово му посакувам да продолжи да се развива, да има позитивен дух, среќни луѓе, повеќе вработени, повеќе љубов и новородени бебиња, - рече Павловски.

    Советничката на ГРОМ Душица Сеизовска-Јовановиќ, вели дека тие како христијанско семејство ја почитуваат традицијата и кршат бадниково лепче за Господ, куќа, семејна среќа и за членовите на семејството. Оваа година паричката се паднала во среќата на семејството, што значи дека целото семејство го чека среќа, здравје и бериќет.

    Лично очекувам дека оваа година ќе се закитам со титулата магистер, бидејќи при крај сум со магистерските студии по административно право на Правниот факултет на Универзитетот Кирил и Методиј. На Куманово му посакувам подобра финансиска состојба за да се решат најгорливите инфраструктурни и комунални проблеми на граѓаните. Повеќе пари ќе придонесат и за збогатување на културниот живот на граѓаните,-вели советничката.  

    Тони Трајковски Слонче, советник од ТМОРО-ВЕП оваа година планира да заврши со ергенувањето, а паричката од бадниковата погачка отишла кај Господ. 

    Оваа година очекувам да запливам во брачните води и да се остварам како сопруг и родител. Тоа е среќа за секој човек и сметам дека е време и јас да се одлучам на таков чекор. Годинава посакувам општината конечно да излезе од финансиската криза и локалната власт да почне да соработува со централната власт се во интерес на граѓаните на кои им посакувам многу здравје, среќа, љубов и добра мисла, -рече Трајковски.

    Новинарката Фросина Лазаревска смета дека делењето на паричката е суеверие, но сепак дома на божиќната вечера кршат погача. Оваа година среќата отишла во нивниот ресторан „Помодоро„.

    Се надевам дека оваа година конечно ќе најдам постојано вработување и моите хонорарни ангажирања ќе бидат минато. Посакувам да се подобри состојбата во новинарството и моите колеги да имаат повеќе пари. На Куманово му посакувам поголем растеж, подобар изглед, повеќе паркови, среден сообраќај и посреќни граѓани со искрени насмевки на лицето, - посакува Лазаревска.