Вистинска приказна за кумановските Ромео и Јулија

[Сава и Величко со своите деца]

Вистинската љубовна драма што го инспирирала писателот Васил Иљоски да го напише делото “Бегалка” се случила во дваесетите години на минатиот век, но со задоволство се прераскажува и денеска, особено на Прочка, за големата и несекојдневна љубов, што ги победила сите тогашни предрасуди и препреки на чорбаџиското и сиромашното семејство.

Вистинска приказна за кумановските Ромео и Јулија

- Ленче Кумановче не е измислен лик, туку таа навистина постоела и во реалниот живот се викала Сава. Била ќерка - единица на чорбаџијата аџи Трајко и немала мајка, туку ја одгледала маќеата. Вистинскиот Бошко, пак, беше свекор ми Величко, по потекло од Кокино. Имале меана, ама биле сиромашни, зашто само што дошле од село во град - пред 10 години ни раскажа Лепосава Јакимовска, снаа на главните ликови во драмата на Иљовски, која пред неколку години почина.

Приказната во која победила љубовта на двајца млади од различно потекло и средина, неприфатлива за тоа време ја дознала од својот свекор, бидејки Сава умрела млада, пред таа да дојде во нивната куќа и да се омажи за средниот син Трајко. Иако никогаш не ја запознала својата свекрва, за која многу слушала, со гордост го чуваше и го покажуваше единствениот спомен на неа - нејзиното срмено елече што го носела додека била мома.

- По кажувањата на мојот свекор, кој е претставен во ликот на Бошко, Ленче била таксана за некој учител во градот, кој бил многу богат. Но таа не го сакала, била вљубена во Бошко. Тој бил убав и не и пречело што е сиромав и работел во меана. Кога свекор ми дознал дека Ленче ќе ја мажат на сила за учителот, се договорил со другарите, комити да ја бегаат. Таа се согласила и за да биде со саканиот, скокнала од прозорец со своите бовчи и отишла право кај Бошко - велеше Лепосава.

Во тоа време била голема срамота мома да се мажи на своја рака, па прочуениот чорбаџија аџи Трајко за ја одбрани честта на ќерка му и да го спаси семејството, лично заминал да ја моли да се врати дома.

- Тој отишол пред старата и распадната куќа на Бошко и викал: “Ќерко, не му е место на Аџиско девојче да живи у овуј просту куќу, ајде да си идемо дома. За леб ќе трпиш ако останеш куде њима”. Но, таа не сакала да го слуша излегла на чардакот и му кажала дека повеќе никаде не оди без Бошко. Аџијата не се противел многу на одлуката на ќерка му и си заминал без да прави проблеми. Брзо потоа и се смирил со нив, бидејки не сакал единственото дете да му живее во сиромаштија и далеку од него. Го прифатил Бошко и го довел за домазет во неговата куќа, раскажуваше баба Лепа.

Љубовната драма на кумановските Ромео и Јулија ја оживеал писателот Васил Иљоски, кој бил школски другар на Величко. Заедно го завршиле основното образование, откако во 1903 година Иљоски се доселил од Крушево во Куманово. Се разделиле кога Величко го прекинал школувањето за да работи во меаната на татка си, но и понатаму останале да се дружат. Иако е главен лик во драмата, Величко никогаш не му простил на својот другар што ја изнел во јавноста неговата љубовна и животна приказна.

- Пцуеше свекор ми, уууу... се лутеше зошто да го пишува неговиот другар. Тој сметаше дека со тоа се потсмеваат со него. Во тоа време драмата не беше ни толку популарна, но тој не сакаше да оди да ја гледа. Никогаш не ја виде претставата и ако го канеа. Јас првпат ја одгледав во педесетите години, во изведба на една театарската група “Српска мајка” од Куманово. Кога дојдов дома, му расправав како било. Тој велеше дека сето тоа не е така, дека писателот измислил доста работи за да ја направи приказната поинтересна. Според него, не постоел будалетинката Досе, немало бозаџија и не се смириле со аџи Трајко на Прочка, кога им родило првото дете, туку брзо по женидбата - се потсетуваше Лепа.

Тогашната голема чорбаџиската куќа на аџи Трајко била спроти денешната Старата црква, а во неа живееле Сава и Величко. Подоцна се преселиле кај сегашната стоковна куќа во центарот на градот. Многу се сакале и почитувале и имале 7 деца, од кои две им умреле. Сите ги школувале и со богатството на дедо им, им овозможиле убав живот се до по Втората светска војната, кога сиот имот им бил конфискуван.

Вистинската Ленче умрела млада, на 40 години при раѓање на седмото дете. Имала слабо срце и не смеела да има повеќе деца. Но, останала бремена, а немала сила да се породи. Починала заедно со детето.

Само четириесет дена потоа Величко се оженил бидејки немало кој да му ги гледа децата. Тој живеел долго по жена му, но нејзината љубов никогаш не ја заборавил. Нивните деца не се живи, но имаат потомци, внуци во Куманово и во Скопје.

Сузана Николиќ

[Со гордост го чуваше и го покажуваше единствениот спомен на нејзината свекрва Сава - нејзиното срмено елече што го носела додека била мома - Лепосава Јакимовка во 2008 година]