×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Која е вистинската приказна за Батко Ѓорѓија?

    18.03.2015 14:29 | KumanovoNews

     Овој текст ќе биде во функција на откривање на една личност, денес посебно актуелна меѓу граѓаните на Куманово. Уште повеќе што на Градскиот плоштад пред повеќе години “никна” неговиот споменик.

    Која е вистинската приказна за Батко Ѓорѓија?

    Сигурно насетивте дека се работи за Батко Ѓорѓија, личноста која на некој начин произлезе од песната “Умреја Батко Ѓорѓија” или пак човекот за кого е испеана истата песна, со години негуван и користен лик во разни видови творештва, лик кој стана омилен јунак, синоним и препознатлив белег на Куманово.

    Редакцијата на “Корени” сака да даде свој прилог во градењето на “харизмата “ на овој шегобиец, неговото потекло, времето на живеење, односно да го насочи одговорот на прашањето кој е можниот прототип за Батко Ѓорѓија. Сето она што досега се пишуваше за Батко Ѓорѓија беше плод и резултат на лични авторски видувања без некои релевантни аргументи за потврда дека се работи токму за кумановскиот шегобиец.

    Врз основа на сознанијата на новинарот Дртковски, Батко Ѓорѓија потекнувал од с. Младо Нагоричане, и живеел некаде до седумдесетите години на 19 век. Бил необичен човек кој ги сакал добрите нешта во животот, бил ценет во селото и во Куманово, немал свој пород и со жената си Донка го посиниле детето Арсо. Бил шегаџија, пречекуван во секоја куќа, а како што се наведува во книгата на Дртковски респектабилен однос кон него имале и Турците и христијаните. Врлини, особености и би рекле карактеристики, кои можете да ги сретнете кај многу луѓе од тоа, а и од овие сегашни наши времиња.

    За да дознаеме нешто повеќе за оваа личност која го краси Градскиот плоштад во Куманово се обидовме да осознаеме, чуеме и други размисли. Во сето тоа беше мошне важно дали ликот на Батко Ѓорѓија произлегол од народот, од пренесување на “приказаната” од колено на колено ( како Итар Пејо) или пак е личност која ја создал еден “автор”, од некое одредено место и време. Од она што можевме да го констатираме врз основа на подолго истражување и разговори со разни субјекти во делот на музичкото и воопшто етно творештво, недвосмислено може да се констатира дека во периодот пред Втората светска војна на овие простори била позната песната чиј јунак бил Батко Ѓорѓија, а од која всушност призлезе личноста за која денес се говори и ќе се говори во Куманово.

    Во музичката литература со песната “Умреја Батко Ѓорѓија” се среќаваме со нејзиното обработрување од познатите македонски композитори Власто Николовски и Трајко Прокопиев.

    ”…Во моето семејство, се сеќава Трајко Прокопиев, беше и чичко Ѓорѓи, средниот брат на татко ми, на кого трговијата му беше животна егзистенција, но беше боем… Својата надареност за музика, поезија, песна ја истакнуваше насекаде. Свиреше таканеречена фисхармоника (клавијатурен инструмент кој се поставува на стол, со десната рака се покренува воздушниот мев, а левата рака служи за добивање на тонови). Кога тој ќе седнеше да свири, истовремено и пееше. Уште како дете секогаш бев со него слушајќи го како пее и свири, дури и тогаш кога ја врзуваше вратоврската “а ла франга…”

     

    Од овие податоци стигнавме до една друга приказна за нашиот Батко, која неговата етногенеза ја бара во Куманово, во познатото трговско семејство Прокопиеви. Првите индиции за тоа ни ги дава самиот Трајко Прокопиев, кога во својата биографска книга ги дава карaктеристиките на неговиот чичко Ѓорѓи, кои ќе признаете се многу блиски до личноста на еден вессел, шегобиен, боемски располежен човек, односно до личноста на Батко Ѓорѓија. Кумановскиот, урбаниот Батко Ѓорѓија, за разлика од оној од с. Млaдо Нагоричане, кој живее во периодот од 1875 до 1936 година. Иако потекнувал од богато трговско семестсво и се бавел со трговија, најмалку бил трговец. Како што можеше да се види ги сакал другите страни на животот и истите максимално ги ползувал благодарејќи на состојбите во семејството Прокопиеви и својот весел и раздраган смисол за животот. Впрочем и “приказните “ за овој човек што можете да ги слушнете од потомците на Ѓорѓи Прокопиев се недвосмилеслени во тоа дека кумановскиот Батко Ѓорѓија е всушност нивниот дедо, татко или пак стрико Ѓорѓи, кој ги има сите атрибути на еден таква личност. Можеби малку помодифицирана на оној лик од народната песна. “Умреја Батко Ѓорѓија”. На градските гробишта во Куманово, на споменикот на семејната гробница на Прокопиеви можете да се сретнете со ликот на споменатиот Ѓорѓи и неговата сопруга Јулијана. Тој е облечен во модерна градска облека, костум, бела кошула и кравата, нема качкет, но како што велат од неговото семејство истиот го носел. Ликот му е бистер, очите ведри и немирни…. А терминот батко бил израз кој бааги се употребувал во Куманово, а поединци, посебно од постарите градски семјства и “чаршиски” луѓе го употребуваат и денес.

      До нови сознанија дојдовме и при транскрипцијата на тексот на пиесата “ Ленче Кумановче”, од текстот на “Бегалка” на македонски литературен јазик (прво издание 1950 г.) на кумановски говор и изданието  од “Парадигма” во 2013 г. Имено уште во 1926/27 година кога е пишуван текстот на “Ленче Кумановче”, во него, меѓу другите битови народни песни ја има и песната “Умреја Батко Ѓорѓија”. Тоа значи дека оваа песна за нашиот јунак била позната уште во втората деценија на 20 век, ако не и порано.

        Во кумановските пак семејства ќе можете да слушнете и други приказни кои се врзуваат за името на овој кумановску шегаџија. Имено нема да се изненадите ако се “сретнете” со по некој Батко Ѓорѓија, автохтон за некое семејство со оглед дека неговите оцениле дека поседува дел од карактеристиките, кои се основните пороци на човекот…

    На крајот на краиштата на човекот никогаш нему било туѓо да сака нешто што не му приипаѓа, независно дали било тоа жена, вол, земја…

    Така барајќи ја личноста на Батко Ѓотрѓија стигнавме до неговите протипови кои рака на срце, во одредени сегменти,  ги има насекаде на овие простори. ..Синтагмата  која  стотина пати и во разни прилики ја повторуваше стариот и добар  Маршал Тито дека “туѓото не го сакаме а своето не го даваме” на Балканот одамна е трансформирано токму во спротивното” Туѓото го сакаме, своето не го даваме”. Ем, ем- би рекле кумановците…

    Затоa и да не му се лутиме на Батко Ѓорѓија и на неговите   карактеристики, поточно човековите пороци, бидејќи во тој човек, произлезен од народот, од нас, од луѓето од овие простори, може да се препознае секој од нас, па и на некој начин да е горд на тоа, затоа што опстанува и покрај сето она што му се правело и му се прави. Го однародуваат, му ја газат националната гордост, името му го менуваат, Црквата и историјата, не ја признаваат. А тој, гледате, стои гордо на кумановскиот Градски плоштад и во стилот “Баш ме брига…” им се потсмева на сите оние кои му го припишуваат и го прават сето она што  всушност тие го прават или сакаат да го прават, го минимизираат неговиот лик, ни јота не даваат за духот негов, шегата и  ведрината, како витални колективни белези на една средина, односно народ,   нивното достоинство и начин да се справат со животот и сето она што тој со себе го носи, и преживеат…

     И така некако би можел да биде одговорот на еден мој пријател кој во една прилика, сакајќи да го исмее овој добродушен народен лик, и од вкупниот негов контекст да ја извади само неговата посесивност кон ракијата,  а уште повеќе оној кој го поставил  на пиедастал, на централното место на кумановскиот Градски плоштад, ме праша:” Што би можел дедото да му каже на својот внук пред споменикот на Батко Ѓорѓија. Кој и што бил, и зошто е поставен тука?”. Одговорот е едноставно, затоа што Батко Ѓорѓија е еден флуид на духот, во кој секој од нас може да се препознае бидејќи шегата, смеата, мајтапот песната и ведрината се универзални, а пороците човечки И природни, независно дали пред ова скулптура на кумановскиот скулптор и ликовен уметник Русе, стоиме како христијани или муслимани, дали сме Македолнци, Албанци, Срби, Турци, Роми или Власи.

    Ако сме искрени, драг пријателе,  одговорот  е  многу едноставен.

    Меѓутоа, ако сме искрени и намерите ни се чесни…