500x100-1

Кумановско краиште - една зона во кумановскиот крај

Крајните северозападни делови на кумановската област, долж границата со соседна Република Србија, во литературата од минатото е запишано како Кумановско краиште. Денеска, обично меѓу населението од кумановскиот крај, не се користи таков термин за северозападниот дел на кумановско.

Споменатото Краиште лежи долж географската граница помеѓу кумановската област на југоисток и прешевскиот крај на северозапад. Тoа е тесна зона со мали селски населби издолжена во правец југо-запад и сецеро-исток. Во таа зона се наоѓаат селата: Сопот, Сушево, Петровци, Муталово и Алгуња во Р. Македонија и Љаник и Свињиште во соседна Србија. Споменатите села се наоѓаат на југоисточните падини на ниската планина Руен и имаат економски доста поволна положба. Нивното население користи разновидни економски услови: високото земјиште претставува напасувачко-шумска зона, додека пониското неогено земјиште југоисточно од селата се искористува за земјоделство.

Поради тоа на местата на овие села се наоѓале населби уште од постаро време. Жива народна традиција и старини (гробови и црквишта) покажуваат како овие села во северозападното Кумановско краиште до околу 1850 година имало само словенско-христијанско население. Тоа за време на турското владеење било нарекувано раја.

Меѓутоа, во споменатото време за тоа наше население започнал особено тежок живот. Од соседниот Прешевски крај, т.е. од „Арнаутлукот“ на нив напаѓале поединечни муслимански Арбанаси (Албанци) во народот нарекувани „Турци“. Нивните вооружени напади предизвикувале вистински потреси.

Поради тоа старото население од Кумановското краиште морало бргу да се исели. Тогаш се населиле Арбанасите во Сопот, Сушево, Петровци, Муталово, Алгуња, Љаник и Свињиште. Сепак, сите имиња на селата и значителен број на топографски имиња останале од споменатото старо население.

Со доаѓањето на муслиманското-сточарско население во селата во северозападниот дел на Кумановското краиште, имало за последица појава на нови озбилни конфликти со словенско-христијанските земјоделци, односно со рајата во другите најблиски кумановски села: Карабичане, Четирце, Никуљане, Старо Нагоричане, Стрновац, Челопек, Пелинце, Карловце, Коинце и т.н. Насилството на „дошљаците“ над христијаните биле скоро секојдневно особено од 1878 година кога српско-турската граница била во непосредна близина на кумановската област – кај Ристовац во врањската област во соседна Србија.

Бројни биле кажувањата за тоа како „Турците“ правеле разни зулуми: краделе добиток, пресретнувале и напаѓале патници па од нив им ги одземале парите, напаѓале на чест на жените и девојките, во сред бел ден ги фаќале синовите, па подоцна ги препродавале на нивните родители и слично. Се живеело во страв „од раѓањето до смртта“.

Поради тоа рајата била принудена и од тука постепено да ги напушта своите огништа и да бега во други подалечни населби.

Населението на село Никуљане многу страдало од споменатите напаѓачи од соседното Сушево. Најпознат „зулумџија“ од Сушево бил Селман, кој сеел страв меѓу христијаните. Тогаш околу 1900 година во Никуљане биле убиени 8 истакнати мажи. Потоа од селанецот Јован Тасковиќ (род. Ѓогинци) ја грабнале убавата ќерка Мида. Друга грабнале во род Терзинци итн.

Населението на селата Челопек и Алгуња многу страдало од напаѓачите од с. Муталово. Најпознати напаѓачи од Муталово биле арбанасите Мехмед, Сејдија, Раим, Назиф и Љатиф. Споменатиот Раим ја грабнал жената Гајтана Свиларска. Љатиф имал истовремено две жени христијанки, едната се викала Стана и неа ја грабнал како невеста од селанецот Јован и тн. Некој Осман грабнал девојка Петрија и во таа прилика и’ го убил братот Лазар.

Населението на Пелинце многу страдало од напаѓачите од селото Љаник и Свињиште од соседна Србија. Арбанасите имале апсолутна подршка од претставниците на турската власт кои биле со арбанашко потекло. Секако и во оваа друга зона во кумановските села од 1878 год. би дошло до слични смени на населението: би се иселила христијанската раја како во првиот случај и во нејзините домаќинства би се населиле муслимански Арбанаси. Меѓутоа, за нашето население неповолното турско владеење од споменатата година не траело долго.

Со паѓањето на турското владеење во балканската војна 1912 год. арбанашките куќи во селата во споменатото Кумановско краиште биле запалени и затеченото население иселено. Со помош на новата државна власт од 1913 до 1925 година, таму поново е населено наше население. Повеќето од нив потекнуваат од кумановските и горно-пчински села од соседна Србија. Меѓутоа, во годините после Втората светска војна, нешето население од северозападното Кумановско краиште повеќето тежнеело за напуштање на родното место и преселување во градовите (Куманово, Скопје, Белград). И додека тие се преселувале во градовите, Албанците од Прешевска и Гниланска Црна гора полека се спуштале и се населувале во некои споменати села. Населувањето уште трае и денеска.

Филип Ѓошевски – дипломиран географ