×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Првиот водовод во Куманово

    13.10.2019 08:10 | KumanovoNews

    Куманово, во сеќавањето на постарите е со тесни улички, некои поплочени со калдрма, полни со прашина во летните денови, а со вода и кал во зимата. Луѓето не знаеле што е асфалт, бетон, канализација и водовод, а куќите главно биле градени од камен и керпич.

    Првиот водовод во Куманово

    Првиот водовод во Куманово е изграден во 1893 година. Водата е доведена од изворите во с.Лопате. Тие извори постојат и до ден-денес. Водата од овие извори одела по водовод, изграден од делкани камени плочи, поставени од четири страни, до резервоарите, кои се наоѓале кај Зелено пазарче и с.Бедиње, а оттаму по природен пат до неколку делови од градот каде имало јавни чешми.

    Најпознатите чешки биле: Велешката, Џумербојковата, Бунбулска, Бедињска, Брегалница, Гмурчева, Бајловска, Чевробенска и Таскина кај Старата Црква.

    Меѓутоа, водата од водоводот честопати се мешала со површинска вода, со фекалиите кои некои домаќини скришно ги исфрлале кога врнело, затоа што примитивна канализација имало само во некои поглавни улици.  Воведувањето на водовод на нашиот народ колку што му направило добро толку и му донело зло, затоа што се јавувале тешки болести и епидемии. Мешањето на водоводот со канализацијата однело многу кумановски животи. Луѓето заболувале од епидемии, умирале и биле закопувани заедно во поголема ископана дупка, на која потоа се ставало жива вар. Таква гробница имало на местото кајшто денес се наоѓа Спомен Костурница.

    По завршувањето на Првата светска војна, градскиот водовод делумно бил модернизиран, па наместо по камени плочи водата течела по глинени цевки. Овој водовод бил поефикасен, па во градот имало 30 јавни чешми, со што жителите во градот горе-долу биле снабдени со вода. Оваа вода била доволна за 17.000 жители, но нивните хигиенски услови се' уште биле на никакво ниво, бидејќи не можеле да си дозволат во своите куќи да имаат бањи. Првата модерна бања во 1936 година ја изградил Перо Лазаров, аптекар и зет на трговецот Кире Манев. Неговата помодерна куќа била изградена на просторот пред денешниот хотел Кристал. Во тоа време исто така се користеле и јавни бањи кои се наоѓале кај Домот на пионерите, а се користел и базенот на Вруќа Вода во Проевце. Кумановците биле оставени сами на себе и морале да се снаоѓаат на секој можен начин.

    Новиот модерен водовод почнал да се гради 1954 година, а се доградувал и доработувал паралелно со зголемување на бројот на жителите. Водата се зафаќала од Липковското Езеро, а потоа преку тунелот Отља и цевовод долг 12 метри, по природен пат доаѓала до филтерницата, каде се прочистувала и по природен пат одела до сите делови на градот и до некои приградски населби и блиски села. Оваа вода снабдувала околу 18.000 домаќинства, а и имало систем за наводнување на околу 7.000 хектари плодна земја.

    Извор ("Старо Куманово"-Петар Трајковски)