500x100-1
09. 07. 2018 14:23

КК Куманово со нова управа и нова сала за следната сезона

КК Куманово со нова управа и нова сала за следната сезона

Кошаркарскиот клуб Куманово и оваа лето го очекуваат смени на раководните позици, а се шпекулира дека новите луѓе кои ќе влезат во управата се блиски до градоначалникот Максим Димитриевски.

Според неофицијални информации, досегашниот в.д. претседател на клубот Младен Давидовиќ повеќе нема да ја извршува функцијата, а на негово место ќе дојде поранешниот кошаркар Александар Крстевски- Крсто. Неизвесно е дали Давидовиќ ќе остане во клубот и како спортски директор или целосно ќе се повлече од клубот.

 Меѓу луѓето кои се спомнуваат дека ќе влезат во управата е и Дамир Мулиќ, еден од сопствениците на угостителскиот објект „Бруклин“.

Бидејки клубот е регистриран како акционерско друштво и мора да има двајца правници и двајца економисти, многу веројатно е дека тие функции да ги извршуваат луѓе од Општината.

Александар Петровиќ потврдил дека останува и оваа сезона тренер на екипата, а во неговиот стручен штаб како технички раководител ќе се врати Дарко Петковски, кој минатата сезона беше спортски директор.

Од играчкиот кадар постои можност Марјан Јаневски, Никола Караколев и Александар Штерјов да ја продолжат соработката со Куманово, иако постојат информации дека Работнички е заинтересиран за Јаневски и Стајиќ. Адем Мекиќ одбил да потпише за МЗТ Скопје, а можно е кариерата да ја продолжи во странство. Марјан Младеновиќ е единственото име за кое се шпекулира дека е можно да се „врати“ во сино-белиот дрес. Веројатно новата управа ќе донесе одлука дали ќе се реформира младинскиот систем на клубот.

Куманово во новата сезона ќе настапува во салата на Економското училиште, бидејќи оваа сезона ќе се искористи за  реконструкција на Спортската сала. Во салата се екипи кои изготвуваат план и програма за реконструкција на објекот кој би требало да биде спремен за новата сезона. Куманово во салата на Економското училиште ќе мора единствено да го поправи семафорот кој веќе подолго време не е во функција.

МКФ денеска испрати известување во кое бара расчистување на предходните долгови, во рок од 30 дена да обезбедат банкарска гаранција за котизација, и рок од два месеца за санирање на спортските сали во кои ќе се натпреваруваат. Во македонската кошаркарска куќа сакаат до 7. август да имаат јасна слика за бројот на учесници во најквалитетното кошаркарско првенство. Доколку има откажувања,  ќе се даде шанса на клубовите од Втората кошаркарска лига.

Поради овој датум веројатно и во брзо време ќе добиеме и одговор на тоа кои луѓе ќе управуваат со КК Куманово во следната сезона.