22. 06. 2018 07:41

Марјан Спасовски: Сакам во финалето да се сретнат Бразил и Шпанија

Марјан Спасовски: Сакам во финалето да се сретнат Бразил и Шпанија

Директорот на Затворот К`шање Марјан Спасовски, во завршницата на светското првенство сака да ги види репрезентациите на Бразил и Шпанија, бидејќи како неколкукратни освојувачи на Мундијалот ги смета за најсериозните кандидати за титулата.

1. Го следите ли Светското првенство во фудбал во Русија?

Секако дека го следам онолку колку што ми дозволуваат обврските. Впрочем фудбалот е најважната споредна работа на светот, нели? Најголемата фудбалска смотра на светот е настан на кој повеќето мажи не можат да му одолеат и со нетрпение го очекуваат, бидејќи се одржува на секои четири години.

2. За кого навивате?

Во отсуство на македонската фудбалска репрезентација, која за жал не е учесник на Светското првенство, јас ќе навивам за Србија, иако сметам дека немаат големи шанси да стигнат до самат завршница на Мундијалот. Поради фактот дека сме соседи и имаме заедничка репрезантативна историја, моите симпатии се наклонети кон нив.

3. На кого типувате дека ќе ја освои титулата, кој е ваш фаворит?

 Што се однесува до главните фаворити, секако тоа се: Бразил, Шпанија, Франција, Англија..., затоа што токму овие репрезентации имаат континуитет во учество на големите фудбалски натпреварувања и пред се, располагаат со квалитетен играчки кадар. За среќа или за жал, не секогаш фаворитите го освојуваат првенството и токму тоа ја прави оваа игра уште поинтересна за гледање.

4. Кого сакате да видите во светското финале?

Искрено, посакувам во финалето да се сретнат Бразил и Шпанија, а во таков натпревар фаворит нема и буквално нијанси би одлучувале. И двете репрезентации сакаат да играат со топка, односно тежнеат да играат со што поголем посед на топката. Всушност тие се и неколкукратни освојувачи на Мундијалот и токму тој факт ги вклучува меѓу најсериозните кандидати за титулата.

5. Се нервирате ли кога губи тимот за кој навивате?

Има и нервоза, особено кога тимот за кој навиваш губи или не игра на очекуваното ниво. Како човек кој во младоста активно се бавел со фудбал, истиот го доживувам на поинаков начин, а не само преку бројки и статистики. Страста и емоциите се секогаш присутни при следење на натпреварите на омилениот тим.

6. Со кого најчесто гледате фудбал?

Фудбалските натпревари најчесто ги следам дома или со пријателите. Вообичаено е по натпреварите да следат анализи и коментари за истите, каде што можат да се слушнат различни видувања за натпреварите, стилот на игра, тактиките и слично.