500x100-1
03. 05. 2010 17:27

Барале киднапери, нашле кампери во Ваксинце

Барале киднапери, нашле кампери во Ваксинце

 Двајца германски државјани синоќа биле приведени во кумановската полиција под сомнение дека киднапирале дете во Липковско.По распитот биле пуштени, бидејќи се работело за сопружници  на 50 годишна возраст, кои тврделе дека на патот кон Грција, кога ги виделе убавите пејсажи во Ваксинце одлучиле да кампуваат.

 Тие биле пронајдени од локалното население откако Б.Ј. (12) од Ваксинце пријавил дека видел две маскирани лица како со  дете во рацете заминале во шумата. Исплашени дека е земено дете од нивното село случајот го пријавиле кај селскиот оџа, кој од џамијата ги повикал жителите на Слупчане и Ваксинце да ја пребараат шумата. Во хајката налетале на бел џип со германски таблички и повикале полиција. Селаните ги извадиле странците од колата и ги натепале. Кога полицијата сакала да ги одведат од селото жителите го блокирале патот, и тврделе дека тие луѓе неколку дена се моткале во Липковско, а со нив биле и двајцата маскирани, кои најверојатно успеале да побегнат кон Косово. Драмата траела до раните утрински часови. Од кумановската полиција велат дека двајцата германски државјани не се вмешани во никаква криминална група.

 Жителите од селото Ваксинце во ливадите на селото затекнале двајца германски државјани, кампери, кои немаат никаква врска со наговарањата што во последниот месец ни се случуваат на подрачјето на Куманово. Особено немаат никаква врска со делот на киднапирање и грабнување на малолетници деца. И овој случај е само лажно алармирање на полицијата, бидејќи никој досега не дошол во полиција официјално да пријави исчезнување на возрасно или малолетно лице- вели началникот на кумановската полиција Љубомир Ѓурчески.

 Во последните денови имало неколку пријави за наводно киднапирање кои немале основа. Началникот вели дека откако во училиштата на родителите превентивно им посочиле да водат поголема грижа каде се движат нивните деца надвор од училишните простории се постигнал негативен ефект.

Често пати во тие детски игри и нивната фантазија, до нас доаѓаат разноразни  шпекулации дека  виделе грабнување или киднапирање на деца. Но досега освен двете ромски деца кои изчезнаа неодамна немаме други изчезнати лица- вели Ѓурчевски.

 Во Куманово исчезнаа  Дани Мемети и Мирсада Хелдовиќ од  Средорек и Бавчи. Месец дена по нивното исчезнување од нив нема никава трага.

 СВР Куманово презеде мерки и приведовме неколку осумничени лица. Вршиме проверки и имаме круг на осумничени лица кои ги поврзувавме со некои сомненија дека се можни сторители на  кривични дела. Сеуште немаме цврст податок со кој ќе можеме да излеземе пред обвинителството. Ќе направиме уште едно пребарување на реката за да бидеме сигурни и да ја исклучиме и таа можност - вели началникот.

По исчезнувањето на двете деца, кумановчни се во страв за безбедноста на своите деца, поради се почестите шпекулации дека има нови обиди за киднапирање на деца.

                                                    Барале киднапери, нашле кампери во Ваксинце