500x100-1
22. 07. 2019 15:42

Безмислосно се експлоатира песокот од коритото на реката Пчиња, обвинуваат жителите на Шупли Камен

Безмислосно се експлоатира песокот од коритото на реката Пчиња, обвинуваат жителите на Шупли Камен

Жителите од кумановското село Шупли Камен ја обвинуваат државата дека нема контрола врз фирмите на кои им дала концесија за експлоатација на песок, поради што немилосно се искористува овој природен ресурс, без да се води грижа за животната средина и интересите на жителите.

„Фирмата „Профи-компани“ од скопската населба Илинден, врши ископ дење-ноќе, се работи до 2 часот по полноќ. Песокот крвнички се експлоатира, а нема ништо од уредувањето на речното корито. Ние сме загрозени затоа што пумпите и бунарите од левата и десната страна ни пресушија, нивото на водата го спуштија за 7-8 метра. Нема ништо од туризам и риболов, поради што порано доаѓаа луѓето од Куманово. Сега само муљ и дупки, ќе се исподават и луѓе и добиток “, - изјави Драги Јовановски, од село Шупли Камен.

 Како што раскажуваат мештаните, откако пред две години  фирмата почнала со работа не се придржува до елаборатот што го потпишала и го уништила речното корито, поради што тие немаат пристап пешки ниту со механизација до своите ниви на другата страна од реката. Дополнителен проблем е што камионите дигаат голема прашина која ги загадува нивните производи во бавчите и овоштарниците.

Тие бараат да се одземе концесијата на фирмата, бидејќи не се придржувала на преземените обврски за уредување на речното корито, а СВР Куманово и Јавното обвинителство да ја испитаат работата на претпријатието, бидејќи сметаат дека има злоупотреба во работењето.

Жителите го пријавиле случајот до сите надлежни институции, по што инспекторка од Министерството за животна средина излегла на терен, но нема изгледи дека постапувала по нивната пријава. Доколку и овој протест не даде резултатит, најавуваат дека ќе ја блокираат сепарацијата, а како месна заедница ќе им поднесат кривична пријава за несовесно работење.