×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Елена Петрушевска: Вљубена сум во класичната музика

    01.06.2010 13:58 | KumanovoNews

     На Елена Петрушевска (22) од Куманово дипломец на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорката Марија Муратовска Наумовска, заедно со Дејан Тошев концертот за класична музика во Младинскиот културен центар во Куманово е појдовна точка за Виена, Австрија.

    Елена Петрушевска: Вљубена сум во класичната музика

     Овој концерт, под менторство на Урсула Хорнер од Виена, со пиано и виолинска придружба на Стојанчо Баковски и Милена Гиевска, е своевидна генерална проба пред заминувањето на Петрушевска и Тошев на магистерски студии на Конзерваториумот во Виена, Австрија. Програмата на концертот за класична музика е составена од барокната до современата музика. Ораториумски арии, соло песни, лидови од италијанското, германското и руското подрачје, арии од опери и оперети, се од музиката што можат солистите најсоодветно да го изнесат пред публиката.

    Со овој концерт мислам дека на нашата сцена на класичната музика донесовме нешто ново. Ваков концерт ќе одржиме и на Конзерваториумот, зашто тоа е правило за настапување на аудиција,  вели Елена. 

    Таа се надева дека тоа ќе и се посреќи и дека ќе застане на многу европски оперски сцени.

    Нашата менторка е „виновна“ за одржување на концертот во Македонија. Таа мене како млад мецо сопран и колегата Тошев тенор, не соедини како гласови кога со неа ја работевме последната претстава „Пепелашка“, во која јас бев Пепелашка,а мојот колега принцот. Таа не најде како прекрасна компактност на гласови и ни даде задача да направиме концерт. Професорката Хорнер ги следи сите наши концерти и голема поддршка е за нашата почетничка кариера, вели Елена.

    Таа пее откако знае за себе. Пеачкиот талент го наследила од мајка и Здравка, која ја преферира староградската песна, а со такви песни ја заспивала и Елена и нејзината сестра.

    Во семејството децении наназад сме имале многу пеачки таленти. Јас првин пеев рок, а потоа почнав џез, со еден саундтракт во филмот „Контакт“ во режија на Сергеј Станојковски, македонско-германска продукција, пред пет години. Композиторот беше Германец, саундтрактот го снимив во Германија, имав прилика да посетам неколку вакви концерти и се вљубив во класичната музика, раскажува Елена.

    Меѓутоа, откако влегла во светот на класиката, веќе не ни размислува да пее нешто другo. За можностите на младите таленти во нашата држава Елена смета  дека тие се минимални.

    Морам да кажам дека се држиме до малата сцена и некоја споредна улога. Овдека се негува традиција на повозрасните и „поискусните“. Ние младите треба да причекаме на нашето време. Тоа „наше време“ е во некои доцни години, кога зад себе веќе би требале да имаме некаква кариера. А, кога ќе остариме ќе имаме мал број улоги кои што ќе можеме да ги играме.

    Елена во Македонската опера и балет дебитирала со машка улога -аптекарот во „Специјале“ од Хајдн.Пеела во современа опера од Меноти, третата дама во „Волшебна флејта“, „Пепелашка“ и некои поситни улоги како солист-хорист.

    Во овој вид уметност работата е најважна, а со неа талентот што го поседува човекот мора да се развива и да се одржува. Со вежбање, со постојано надоградување на вокалната техника, со перманетно слушање на музика, за да се научи нешто ново, да се споредуваш со пеачи од други земји, со одржување концерти и постојано да се преиспитуваш до каде си и уште колку имаш,..., за да го достигнеш нивото кое е неопходно, вели младата пеачка.

    Меѓу повеќето омилени композитори Моцарт, Росини и Меноти се првите кои ги наведува. А нејзината желба за блиска иднина е да го толкува Кир Бино од Моцартовата опера „Свадбата на Фигаро“.

    Зашто малку повеќе на сцената се пронаоѓам како активен глумец и пеач. Мислам дека тоа навистина ќе ми лежи, вели Елена.

    И додава дека  можеби за некоја година ќе и се „насмевне“ и  Кармен. Зошто да не?

     Сепак, пазарот за мојата професија е Европа, бидејќи таму може да се наплати она што се работи. А овдека би настапувала доколку бидам повикана од МОБ, но не би сакала да живеам во условите во какви што сега живеат нашите оперски пеачи, вели Елена.  На чекор до завршувањето на ФМУ вели дека системот на образованието на овој факултет би требало да се смени за да им се даде соодветна шанса на бројните млади таленти.  Не е добро од ФМУ да излегуваат полуписмени и музичко теоретски писмени пеачи, а да немаат претстава што значи сцената. Операта и факултетот треба да соработуваат повеќе и да им се дава шанса на младите во текот на студиите. Кај нас имаме систем на импровизирано руско воспитание и образование, измутирано во македонска продукција. На пример, ние треба да разбираме минимум три странски јазици, уште два да ги читаме и да ги пееме точно фонетски. Тоа бев принудена самата да си го научам. Благодарна сум на МОБ зашто добив  шанса да работам додека студирам, ама на голема жалост со многумина од моите колеги тоа не беше случај, вели Елена.

    Низ насмевка додава дека можеби во блиска иднина во трасирање на патот на нејзината пеачка кариера ќе застане некој добар агент и дека сите кругови нема самата „да ги истрчува“. -

    За еден уметник тоа е дополнителен труд и растурање на уметничката енергија во празно, вели Елена.

                                                                                       (С.А.Ј)