500x100-1
09. 11. 2019 14:49

Интервју Оливер Спасовски: Славиме јубилеј кој сведочи за непокорот на Куманово

Интервју Оливер Спасовски: Славиме јубилеј кој сведочи за непокорот на Куманово

Локалниот патриотизам започнува и завршува со нашиот однос кон нашиот град,  тоа е мојот принцип, тие вредности сакам да ги истакнам и да ги негувам. Ние кумановци сме друг ков и тоa смe го покажалe со нашиот однос кон секој што не бил правичен и праведен. Затоа да продолжиме заедно да го градиме Куманово, да ја градиме Македонија како достоинствени места за живот, напредна, безбедна, сигурна, стабилна, општество за сите нејзини граѓани, - порача меѓу другото Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, во интервјуто за Кумановоњус.мк, по повод големиот јубилеј 500 години Куманово.

Како роден кумановец, како денес гледате на развојот на градот, што се променило?

Најпрво сакам на Куманово да му честитам половина милениум од своето постоење. Тоа е јубилеј кој сведочи за непокорот на Куманово и кој е сериозен аманет за сите нас кои потекнуваме од овој горд град, од овој регион, да направиме се што можеме за него, за неговите граѓани. Како човек од Куманово, којшто живее тука заедно со целото мое семејство, сакам да дадам придонес за ова наше родно место и затоа мојата работа и моето делување во голема мера се насочени и кон Куманово. Секако, придонесот за развојот и напредокот на државата индиректно е придонес и за секое наше место, но од тоа колку сите ние ќе придонесеме за нашиот град зависи и како тој град ќе дише, ќе расте и ќе се развива. Локалниот патриотизам започнува и завршува со нашиот однос кон нашиот град,  тоа е мојот принцип, тие вредности сакам да ги истакнам и да ги негувам.

Што се променило велите...се променија многу работи за кратко време од само 2 години.

Прво се промени односот кон Куманово. Сведочевме сите ние во време на режимот на претходната влада, кога централната власт, заради инает, заради лични каприци на Груевски не одобри ниту денар за Куманово. Нашиот град беше како блокиран, заборавен, намерно. Тоа нанесе огромна штета, со години.

Но, ние кумановци сме друг ков и тоa смe го покажалe со нашиот однос кон секој што не бил правичен и праведен. Куманово најдобро знае што значеше да се биде под режим и да покаже храброст на сите избори да го победи тој режим, да ја прати порака на храброст до цела Македонија, да дава мотив да се продолжи со битката и на крајот на успееме да ја ослободиме земјата, да ја оттргнеме од канџите на режимот, да ги добиеме сите битки што не беа ни малку лесни.

Сега разговараме за тоа колку патишта и инфраструктура изградивме во државата, колку направивме за гасификацијата, што ќе направиме за заштита на животната средина, за зголемување на пензиите, за зголемување на минимална плата, за просечна плата од 500 евра, како младите да останат и овде да ја планираат иднидната, како го подобривме обрзаовниот систем и што уште треба да направме за да го подобриме животот на граѓаните.

Пред две години зборувавме за поделбите од секој можен аспект, денеска сите заедно се гордееме на единството и Македонците и Албанците и Србите и Турците и Ромите и Власите и Бошњаците и сите останати, да се движиме и да продолжиме по правиот пат.

Промената во државата е промена и во Куманово. Денеска во Куманово зборуваме за нов модерен Ургентен центар, се градат и опремуваат детски градинки, се асфалтираат и пробиваат патишта и улици кои 40 години не биле чепнати, интензивно се работи на секој сегмент. Централната власт предводена од СДСМ и од која сум дел и јас е посветена да му помогне на Куманово и на сите граѓани. Тоа знам дека е препознаено од граѓаните на Куманово и ќе биде вреднувано како сега така и понатаму.

 Веќе две и пол години СДСМ ја предводи Владата, колку сте задоволни од досегашната реализација на Програмата?

Темпото на реализација на мерките содржани во програмата за работа на Владата се одвива со добро темпо. Секако, секогаш може побрзо и подобро, но при реализација на мерките гледаме тие да бидат темелни и сеопфатни, да се базираат на реални основи а не на популизам.

„Парите кај граѓаните“ еден од столбовите од програмата е целосно исполнет. Уште на почетокот од мандатот ја укинавме радиодифузната такса и ја воведовме евтината дневна тарифа на струјата. Ја зголемивме минималната плата на 12.000 денари а со усвоените измени на Законот таа се зголемува на 14.500 денари. Таа плата сега важи за сите индустрии. А Куманово како еден од градовите во којшто имаат голем број работнички семејства тоа е многу важно.

Куманово за жал се препознаваше како град на стечајни работници. Ние ја исправивме децениската неправда и го решивме тој проблем. Сега, околу 12.000 стечајци, голем дел од нив од Куманово добиваат месечена надоместок се до нивното пензионирање.

Со мерката Мој ДДВ за првпат државата враќа пари директно кај граѓаните, а за првите три месеци од реализацијата кај граѓаните завршуваат над 3 милиони евра. Покрај ова реализиравме и многу други мерки што обезедуваат повеќе пари назад кај граѓаните.

Освен тоа, со добра реализација се програмските определби кои се однесуваат на социјалната заштита, образованието, здравството, инфраструктурата, армијата и безбедноста.

Не застануваме тука, туку напротив продолжуваме со уште поголема посветеност да ги реализираме мерките кои ги ветивме и за кои добивме поддршка од граѓаните.

 По историската грешка на ЕУ како што многумина сакаат да кажат, почетокот на преговорите се одложи, но истовремено процесот на ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО продолжува. Дали евроинтеграциите и натаму се единствената алтернатива за државата?

Ние веќе сме извесна 30 земја членка на НАТО. Успеавме да го оствариме резултатот за кој сонуваа генерациите во изминатите речиси 30 години.НАТО не значи само безбедност, стабилност и сигурност, обезбедени граници, туку НАТО значи и инвестиции и повеќе работни места, а сето тоа значи повеќе пари во економијата, во секое семејство. Со самата покана за НАТО ние успеавме да донесеме 4 пати повеќе инвестиции отколку времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Интеграцијата на земјата во ЕУ е стратешка определба на државата и на СДСМ. Сите клучни светски лидери ни оддадоа признание за напредокот, сите констатираа дека ЕУ направила историска грешка. Но, нас тоа не не обесхрабрува, затоа што знаеме дека таа ќе биде исправена, затоа што тоа го заслужуваме. Нашата стратешката европска определба значи да ја донесеме Европа, европските стандарди, почитувањето на правото економија, здравство, образование кај нас.

 Подготвена ли е СДСМ за избори, што ќе им понуди на граѓаните на 12 април и што очекувате?

СДСМ секогаш е подготвена за какви било избори. Тоа го покажаа и маалските средби што ги одржавме летово, го покажуваат и трибините што сега ги одржуваме а кои се масовно посетени. Доказ за тоа е нашиот предлог да се оди на брзи предвремени избори веднаш, што за жал беше одбиено од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Интензивно работиме на подготвување на новата програма. Сите забелешки и сугестии што беа дадении на над 600-те маалски средби, но и коментарите од граѓаните на трибините, ги преточуваме во решенија од новата изборна програма. Пред граѓаните ќе понудиме чесен домаќински концепт на мерки и политики што се во интерес на граѓаните и државата.

По 12 април очекувам државата да продолжи по правиот пат. Ние покажавме како, за две и пол години од заробена држава, без медиумска слобода, без каква било слобода, во која владееше режим со силен политички притисок врз судството и обвинителството, злоупотребена полиција, уценувана админстрација, богатење на неколкумина тајкуни, се прави исчекор напред кон исполнување на стратешките интереси на државата. И еве не денес како слободна демократска земја која чекори на прав пат, кон ЕУ и НАТО, кон просперитет.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ велат дека убедливо ќе победат лицитираат и со 100.000 гласови предност?

Очигледно дека паниката од извесниот пораз и безидејноста во ВМРО-ДПМНЕ се мотивот Христијан Мицкоски да го залажува членството со такви весели математики. За потсетување, Мицкоски вака се храбреше и на последните избори, ветуваше уабедлива победа а неговата партија ги загуби претседателските избори, но ги загуби и вонредните избори за градоначалници во Ново Село и Охрид.

Јасно му е и нему дека граѓаните веќе не сакаат да се враќаат во режим, во криминал, во изолација, а тоа е единственото што Мицкоски и ВРМО-ДПМНЕ го нудат. Граѓаните на 12 април одново ќе ја поразат деструктивноста на Мицкоски и неговиот ментор од Будимпешта. Математички прецизно, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ги губат изборите на 12 април и тоа на сите им е јасно.  

Покрај потпретседател на СДСМ, Вие го водите и Министерството за внатрешни работи, најавивте сериозни реформи во овој сектор, каква е вашата оценка за ова министерство на половина од вашиот мандат?

Генерално, општата оценка е дека состојбата е стабилна и дека безбедноста на граѓаните е загарантирана. Местото на полицијата е помеѓу граѓаните. Улогата е да се заштити државата и сите граѓани, а не поединци или одделни групи.

За начинот на кој било водено ова министерство јавноста беше запознаена преку објавените телефонски разговори. Последиците од таквиот начин беа очигледни. Нарушен систем на кариера, несоодветни профили поставени на клучни раководни позиции. Многу често главниот критериум по кој се унапредувале вработените била партиската лојалност и послушност кон одреден круг на функционери од власта.

Кога дојдов на функцијата во 2017 година во министерството затекнав долг од 40 милиони евра. Денес, две и пол години подоцна со одговорно управување тој долг успеавме да го намалиме на 10 милиони евра, но и постојано да инвестираме.

Реновираме близу 40 полициски станици, некои од нив не беа чепнати ни по 30-40 години. Обезбедивме нови возила за полициските единици. По долги години, набавуваме нови унимофрми, но и нова опрема за припадниците на сите полициски единици.

Платите во Министерството постојано растат и тој раст ќе продолжи и натаму. Сето тоа дава резултати на терен. Стапката на криминал се намалува, се зголемува ефикасноста во откривање и постапување по случаи.

Преку процесот на ветинг правиме професионализација на сите единици во МВР а за лицата со негативен безбедносен сертификат, со криминални позади нема и нема да има место во МВР.

Секој чекор е во насока полицијата да биде пријател и заштитник на граѓаните и да работи единствено во служба на законите.

Кои проекти би ги издвоиле кои се спроведени изминативе две години, а за кои сметате дека се особено важни за развојот на Куманово и регионот?

Денес Владата предводена од СДСМ интензивно вложува во Куманово и со тоа ја исправа долгогодишната неправда што со години му беше нанесувана на овој град. Рехабилитација на патиштата кои гравитираат во Општина Куманово со вкупна должина од 112 км и тоа: Куманово-Опае, Куманово – Никуштак, Куманово – Свети Николе, Младо Нагоричане – Пелинце, Куманово – Страцин и Ропалце – Матејче – Липково. Овие регионални патишта околу Куманово никој не ги реконструирал повеќе од 40 години.

Реконструирана е и пругата Куманово - Бељаковце. На граничниот премин Табановце отворивме „one stop shop“ односно единствен граничен премин со што се олеснува и забрзува преминот на границата со Република Србија.

Отворен и пуштен во употреба е новиот Ургентен центар кој ќе пружа услуги за жителите на целиот регион. Како потпретседател на Владата предложив и тоа беше усвоено, да започне итен процес на гасификација на Кумановската болница. Истото ќе се случи и со полициската станица која ќе ја реновираме веќе на почетокот на следната година. Над 304.136 евра додели  од Фондот за иновации на фирми од Куманово за финансирање на ивните проекти со што се вработуваат и дополнителни нови лица.

Ова се само дел од она што Владата, централните институции го прават за Куманово. Се инвестира во речиси секој сегмент од секојдневното живеење.

Дури и ние како партија, на страна од институциите, вложуваме во Куманово и во подобар живот на нашите сограѓани. Скромно, во рамките на можностите. Но, посебно сум горд што и СДСМ, односно општинската организација на партијата, преку донации на наши членови и симпатизери, реализира проект за изградба на 15 нови детски игралишта ширум Куманово. Тоа ја покажува посветеноста и решителноста на оваа опција. Не да се граба од граѓаните туку да им се даде.

Но, нема да застанеме тука туку ќе продолжиме да инвестираме во Куманово и во целиот овој регион, не само затоа што Куманово е најголема општина, туку затоа што луѓето што овде живеат тоа и го заслужуваат.

 За крај, Вашата порака до кумановци?

Да продолжат да се борат, да продолжат да веруваат во нашиот град, да веруваат во нашата држава. Заедно како и досега, храбро и одважно да продолжиме по правиот пат на развој напредок и интеграција. Да продолжиме заедно да го градиме Куманово, да ја градиме Македонија како достоинствени места за живот, напредна, безбедна, сигурна, стабилна, општество за сите нејзини граѓани.