×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Каде се наоѓа Живкова карпа во Куманово?

    18.10.2019 06:44 | KumanovoNews

    Веројатно, ако направиме една анкета помеѓу граѓаните во Куманово на прашање: „Дали знаете каде се наоѓа Живкова карпа во Куманово?“, во најголем дел, скоро сите без размислување ќе одговорат дека Живкова карпа се наоѓа во атарот на селото Проевце во близина на Проевска бања, а некои би одговориле и во близина на поранешниот хотел Ку-ба и градскиот базен.

    Каде се наоѓа Живкова карпа во Куманово?

    Дури и ако прогугламе, резултатите ќе ни ја дадат споменатата локација. Но, дали навистина Живкова карпа се наоѓа таму каде што најголемиот дел од граѓаните мислат – во атарот на селото Проевце?  За да да ја корегираме грешката и да го разрешиме недоразбирањето, кое се пренесува од генерации на генерации, треба да ги пролистаме старите записи за Кумановскиот крај објавени уште пред 110 години.

    Јован Хаџи Васиљевиќ, најдобриот познавач на Кумановскиот крај од при крајот на XIX и почетокот на XX век, еминентен историчар, етнограф и писател - кој докторирал во Виена во 1898 година, роден во Врање 1866 година, а починал во Белград 1948 година. По место на раѓање врањанец, во душа кумановец. Внук на иконом Димитрије Младеновиќ, најпознатиот поп и респектибилна личност во Куманово во XIX век. Син на Катарина, родена во Куманово, а омажена во Врање. Поради таа мајчинска љубов која била родена и потекнувала од Куманово, а кој и самиот често уште од своето рано детство одел во Куманово и престојувал кај својот дедо Димитрије – изразил желба да напише и објави книга за Кумановската област. Тој Кумановската област делумно започнал да ја истражува уште 1889 година, но најголемиот дел на истражувањата ги вршел во периодот помеѓу 1894 до 1900 година. Како резултат на тие повеќегодишни теренски истражувања во Кумановскиот крај, во Белград во 1909 година ја печати и објавува книгата „Јужна Стара Србија“: историјска, етнографска и политичка истраживања. Кумановска област.

    Инаку, Ј.Х. Васиљевиќ има објавено уште многу други книги и научни трудови.

    Тој во едно поглавје од книгата што се однесува за Живкова карпа вели:

    „Живкове Карпе су кршеви према Куманову, одмах преко реке. Тако су прозване по Живку Димитријевићу српском учитељу у Куманову, који је учитељевао у том месту од 1855. до 1868. год. У тој се Карпи вади камен од којега се зидају куће и друге зграде у Куманову.

    Исто така уште вели:

    „Ове су карпе, иначе залеће Нагоричке Заравни. У продужењу Живкових Карпа ка југоистоку, сасвим упоредо с Кумановском реком, уздижу се Пројавске карпе, више села Пројевца испод Куманова...“

    А за Проевска карпа вели:

    „Пројевске Карпе су још већи кршеви од Живкових и налазе се код самога села Пројевца. Испод ових стена извире топла вода – Врућа Вода, у којој се купа свет као у бањи.“

    Од претходниот цитиран текст од книгата, може да заклучиме дека локацијата на Живкова карпа во Куманово се наоѓа во месноста која денес се нарекува „Багрем Бања“, веднаш над пругата во близина каде се спојуваат реките Којнарка и Липковка.

    Додека името на карпата која се наоѓа во атарот на селото Проевце се нарекува Проевска карпа.

    Локацијата на Живкова карпа во Куманово е претставена и на Етнографската карта за Кумановската област изработена од самиот автор - д-р Јован Х. Васиљевиќ во размер 1:100.000.

    Во поновите топографски карти од поранешна Југославија како и во картата од Катастарот на Р.С. Македонија, името и локациите на карпите не се обележани.

    Како и да е, населението во Куманово кое живеело при крајот на XIX и почетокот на XX век, карпата која се наоѓа во месноста „Багрем Бања“ ја нарекувале Живкога карпа, а во селото Проевце - Проевска карпа, а како тоа дошло до замена на локацијата и погрешно знаење на луѓето денес во Куманово, тоа ни преостанува да истражиме во некоја следна прилика.

    Извор:

    Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, Београд, 1909.

    Филип Ѓошевски – дипломиран географ