500x100-1
07. 10. 2019 12:15

Кога „архитектот“ на промените е урбаната мафија тогаш добивате град каков што е Куманово

Кога „архитектот“ на промените е урбаната мафија тогаш добивате град каков што е Куманово

Писателот Петар Андоновски (32) од Куманово, има многу забелешки за урбанистичките решенија во својот град, а особено жали што повеќе ги нема култните места каде што растел и се развивал како личност. Повторно би ги оживеал сите културните институции, а акцент би ставил на развојот на „книжевениот туризам“...

Што не ви се допаѓа во Куманово?

    Куманово во суштина е досаден, стерилен град. Куманово не нуди никакви можности за младите луѓе. Затоа голем дел од младите кои заминуваат на студии во Скопје сакаат да останат да живеат таму. Помеѓу мене и Куманово има голема временска дистанца, иако формално живеам во градот, јас создавам надвор од него. Единствено што сега ме врзува со ова Куманово е семејството. Последните пет месеци често се движам низ градот додека го шетам внук ми Георгиј. И овој град не е мојот град. Таа, некоја моја интимна географија повеќе ја има во моите сеќавања отколку во реалноста. Некои места во кои јас сум учел и сум се развивал како личност повеќе не постојат. Пионерскиот дом, Кино Козјак, Театарот (кој се повеќе се распаѓа), кафеаните Мостар и Палас... На нивните места имате некои нови, грди згради. Природно е еден град да се менува, а кога се менува очекувате да се смени на подобро, тоа за жал не е пример со нашиот град. Кога „архитектот“ на промените е урбаната мафија тогаш добивате ваков град каков што е Куманово сега.

Што би смениле во градот?

     Многу нешта. Повторно би ги оживеал сите културни институции кои или целосно се мртви или се на апарати за душење ставени. На Куманово не му се потребни преплатени Ѕвезде Гранда кои ги организира Општината, а на кои градоначалникот седи на маса со кафеанско мени, додека народот ѕирка зад метални огради. На Куманово му е потребна цврста културна сцена. На Куманово му е потребна книжарница. На Кумановово му требаат пркови, а не катни гаражи. На Куманово му е потребно оние малку куќи што останале во центарот на градот, а се од првата половина на дваесети век да се заштитат, а не да се рушат и на нивно место да се градат огромни, грди зградишта. На Куманово му се потребен градоначалник/градоначалничка, советници и советнички, кои вистински ќе си го сакаат градот.

Каде ќе прошетате гостин кој прв пат доаѓа во градот?  

    Со сигурност тоа би бил „книжевен туризам“. Првин би го однел на плоштадот Маршал Тито, и на споменикот од НОВ би му ги покажал стиховите од „Небиднина” на Ацо Шопов. Потоа би му направил една тура од местата кои се споменуваат во мојот роман „Очи со боја на чевли“. Хотел Куманово и фонтаната во Касапски круг (иако јас кога го пишував романот имаше поинаква атмосфера, беше запуштено, заборавено место). На крајот би му направил една тура од новиот роман на Оливера Ќорвезироска „Аб’т“. Од оградата кај болничкиот круг би тргнале, а би завршиле до бунарот во нејзината куќа.За ваков тип на туризам гостинот претходно би морал да ја има прочитано поезијата на Ацо Шопов, мојот роман и романот на Оливера.   

Што не би покажале на пријател кој прв пат доаѓа во Куманово?  

    Со сигурност не би му ја покажал новат фонтана пред Кристал, на која стои симболот на Олимпијада. Навистина не знам каква поврзаност има Куманово со Олимпијадата!? Не би му го покажал ниту Кристал зашто е претворен во јавен тоалет. Не би му го покажал ниту паркот кај автобуската станица. Не би му ја покажал ниту Кумановка, затоа што има повеќе ѓубре отколку вода. Со задоволство би ја заобиколил новата катна гаража... и да не продолжувам да набројувам зашто списокот е предолг.    

По што Куманово е посебно и се разликува од другите градови?

  По дијалектот кој е најразличен од сите други и по смислата за хумор.

(Петар Андоновски од Куманово е автор на книгите: „Ментален простор“ (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли“ (роман, 2013), „Телото во кое треба да се живее“ (роман, 2015), за кој ја доби наградата Роман на годината, како и неговиот последен роман „Страв од варвари“ (роман, 2018).