500x100-1
12. 06. 2019 16:17

Костовски: Единството ми е најбитно, првото кафе ќе го испијам со моите противкандидати

Костовски: Единството ми е најбитно, првото кафе ќе го испијам со моите противкандидати

Реизбраниот претседател на општинската организација на СДСМ Куманово, Мартин Костовски, најавува дека првото кафе ќе го пие со своите 6 противкандидати, од кои дел ќе имаат шанса да бидат вклучени во новиот тим.

Неговата цел е да го зајакне единството во партијата и да го слушне мислењето на другите, се со цел да се изгради стабилна и добра општинската организација.

Мојата интенција и прва обврска и задача во новиот мандат ќе биде единството во општинската организација и почитување на различните мислења. Сакам да им се заблагодарам и на моите партиски другари, кои беа вклучени во битката за претседател. Утре или задутре ќе ги повикам во партиските простории на кафе, да ги споделат тие нивните визии и идеите околу функционирањето на општинската организација. Самиот факт дека општинската организација брои над 6.000 члена значи едно богатство, кое изобилува со многу различности, колоритност во мислењето и визиите, и во наредниот период сето тоа ќе се преточи во една стабилна и добра партиска структура, која следната година на парламентарните избори ќе направи убедлива победа, - изјави Костовски.  

Според роковникот, Костовски до 18 јуни треба да го состави тимот од извршниот и надзорниот одбор, кои до 28 јуни треба да бидат изгласани од делегатите на Изборната конференција.  

 Мојата идеја да пиеме прво кафе со моите партиски другари кои беа кандидати за претседателската трка на огранокот, не е само обична куртоазија од моја страна, туку напротив, модерен начин за функционирањето на самото раководство на партијата. Секако ќе поразговараме за нивните идеи, сугестии, видувања како треба да изгледа општинската организација и се надевам дека дел од нив ќе бидат вклучени во новиот извршен одбор, - додава Костовски.

Костовски е директор на ЈП „Службен весник“ и ова му трет мандат за претседател, со тоа што предходниот беше прекинат на половина.  Тој вели дека му припаднала честа уште 4 години да ја води најголемата општинска организација на СДСМ во Република Северна Македонија, благодарејќи на правичните политики на лидерот Зоран Заев .