×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кредитирање на гасификацијата бараат екологистите во Куманово

    01.12.2018 23:03 | KumanovoNews

    Државата и општините да издвојуваат повеќе пари за субвенционирање и кредитирање на гасификацијата на домаќинставата и фирмите, ако сакаат широка примена на гасот за затоплување, апелираат екологистите.

    Кредитирање на гасификацијата бараат екологистите во Куманово

     Само економски интерес може да ги натера граѓаните да се откажат од дрвата, мазутот и нафтата, и да се префрлат на еколошките горива, кои не ја загадуваат животната средина.  Ова меѓу другото беше препорачано на трибината за спречување на загадувањето во Куманово.

    „Многу значајна за намалување на загадувањето е гасификацијата. Тоа го покажуваат и искуствата во другите држави. Во многу градови учеството за приклучок на гас е 10, 15, 20 отсто од вкупната вредност, или само еден денар. Со тоа самата програма, самата акција е долгорочна. Треба да се изнајде начин и средства човекот да плати колку е во можност, а останатото да биде со кредитна линија, на 3 или 5 години, колку му дозволува буџетот, но тоа да не бидат банкарски камати со 8 и 10 отсто. Повластената стапка треба да биде во интерес на животната средина и во интерес на здравјето на граѓаните. Тука треба државата и ИПА фондовите да бидат искористени“, вели професор д-р Живко Давчев од Факултетот за земјоделство и исхрана.

    Во Куманово гасификацијата е започната пред 10 години. Приклучокот на гас отсекогаш е 800 евра, а од оваа година Општината воведе субвенции од 150 евра за домаќинствата. Но, тоа очигледно не е примамливо за граѓаните, бидејќи субвенцијата ја искористиле само десетина семејства. Во градот досега е поставена околу петнаесет километри дистибутивна гасоводна мрежа, а приклучени се само 24 правни лица, општински институции, училишта, градинки, градскиот базен и околу 160 домаќинства.

    Последните години, Куманово се души во загаден воздух. Советот на Општина Куманово одржа трибина со екологистите и стручни лица, за да се лоцираат проблемите на загадувањето, но и да се понуди решение. Меѓу препораките кои беа предложени беше забрзана гасификација, пошумување, ограничување на движење на возилата во центарот на градот, поголеми казни за загадувачите, контролирана градба и други.

    Истовремено, беше побарано Општината да формира стручно тело од екологисти, кое ќе има задача во континуитет да ги следи состојбите и да работи на имплементација на краткорочни и долгорочни програми за надминување на загадувањето.