×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановци дома за Нова година

    31.12.2018 12:12 | KumanovoNews

    Поголем дел од граѓаните на Куманово за новогодишните празници ќе останат во градот. Нова година ќе је пречекаат во кругот на семејството, бидејќи се уморни од секојдневните обврски. И соговорниците во нашата мини анкета, во најлудата ноќ ќе останат дома,  во новата година посакуваат здравје и среќа за себе и своите најблиски, а очекуваат и подобри денови за државата.

    Кумановци дома за Нова година

    Емилија Трајковска, советничка

    Каде ќе ја пречекате Новата година и со кого?

    Празнично, во домашна атмосфера во кругот на најблиските.Без никакви посебни и спектакуларни подготовки, но со многу љубов, радост и смеа. Можеби затоа празниците во нас го будат најубавото чувство и желба да се посветиме на она што суштински ни е најбитно, СЕМЕЈСТВОТО!

    По што ќе ја паметите 2018 година?

    Исклучително тешка година, година на големи турбуленции и предизвици, на голема нестабилност економска и  политичка, како и исправени пред предизвикот да се биде или не. На прагот на годината што изминува претпочитам да ги паметам само убавите и позитивни работи што се случиле во текот на 2018 година.

    Што очекувате во 2019 година?

    Можеби ќе звучи како клише, ако кажам дека очекувам 2019 година да биде подобра од годината што изминува.Секоја измината година ни остава траги, спомени, не учи на нешто, растеме, созреваме.

    Желбите за секоја наредна година се секогаш убави, позитивни и ние треба да веруваме и да бидеме оптимисти дека утре ќе биде, дека утре мора да биде подобро. Но за тоа освен вербата е потребно многу труд и работа, нештата сами нема да се променат. Живееме во општество кое неминовно мора да го менуваме, општество кое е поделено до степен како што не било никогаш до сега. Но за да го промениме тоа, најпрвин треба да се надминеме и промениме самите. Очекувам 2019 година најпрвин да донесе добро здравје и среќа во секој дом, благосостојба, мир и љубов. Многу среќни луѓе и насмеани лица! Понекогаш за среќата не е потребно многу. Од друга страна очекувам, нашиот град, како и нашата држава да тргнат во позитивен правец, особено во делот на економијата, здравството, образованието ( не дека другите сфери се помалку битни), но морам да истакнам дека согласно моменталната ситуација воопшто не сум оптимист дека овие работи можат да се случат. Но тука сме, годината е пред нас, ќе видиме со какви предизвици ќе се соочиме.

    Што сакате да ви донесе Дедо Мраз?

    Што сакам да ми донесе Дедо мраз? Исклучително малку работи, добро здравје, позитивна мисла и само малку среќа, ова претставува доволна основа за реализација на се останато. Знам како, можам и умеам, ќе успеам – ова е мислата што ме води во животот.

    Сметате ли дека треба Општината да организира пречек на Градскиот плоштад?

    Сметам дека Општината треба да даде поддршка за сите настани поврзани со одбележувањето на празниците, кои се однесуваат за сите граѓани на општина Куманово. Досегашниот концепт за организација на пречек на Нова година, со организирање на концерти на Градскиот плоштад треба да се напушти, поради тоа што е многу стар и нема скоро никакви ефекти ( слаба посетеност и голема незаинтересираност од страна на граѓаните на Куманово). Наместо тоа, треба да се организира одбележување на Нова година со интересни содржини, несекојдневни активности кои ќе привлечат внимание и кај младата популација и кај возрасните. Потребно е да се внесе повеќе креативност, волја и желба и да почнат да се менуваат работите, да се излезе од кругот на безидејноста затоа што на крајот тие настани се организираат заради граѓаните. Неодминливите новогодишни тезги се тука, чаршиските бутици се украсени, ја имаме и новогодишната елка и светлечките украси, но дали тие доволно го подигаат духот, дали ја враќаат веќе изгубената празнична магија, тоа за сигурно не го знаеме. Но она што е сигурно е дека Новата година мора да биде подобра од претходната и ние мора да веруваме во тоа.

    Нека ни е среќна Новата 2019 година, Кумановци!

    Томица Илиќ, советник

    Каде ќе ја пречекате Нова година и со кого?

    И оваа година како и години наназад ќе бидам во домашна атмосфера во друштво на своите блиски, бидејќи лично за мене дочекот на Нова година не претставува некој посебен празник на кој треба да му се дава некое посебно значение. Сепак денешницата не води по пат на комерцијализација на се и сешто, а веќе со години дочекот на Нова година кај нас се разбира како некој посебен момент во нашите животи. Со оглед на целокупната ситуација скромен дочек со блиските за мене е најдобар избор.

    По што ќе ја паметите 2018 година?

    2018 година беше навистина бурна. На почетокот на 2018 имав големи лични очекувања од кои добар дел се остварија, но нешто остана и за во годината пред нас. Почнувајќи од професионалниот преку приватниот живот и својот општествено политички ангажман многу работи ќе останат врежани во моите сеќавања како нешто што се остварило во 2018. Дел од тоа ќе се памети по добро дел по лошо, но сепак целокупно 2018 беше добра година.

        Што очекувате од 2019 година?

    Со  оглед на тоа дека секоја година имам големи очекувања оваа година ќе се обидам да бидам  поскромен. Напредувања на професионален план се нешто на што ќе се посветам во 2019 година. Во 2019 н`е очекуваат доста крупни работи кои се битни за нашето понатамошно живеење и очекувам мудри и неизбрзани одлуки кои ќе трасираат пат за подобар живот за сите.

      Што сакате да ви донесе Дедо Мраз?

    Се она што им недостасува на другите да можам да го споделам со нив или да им го овозможам . Нема нешто што може да се посака за да се биде среќен сам, сепак за среќа се потребни најмалку двајца.

    Сметате ли дека Општината треба да организира пречек на Градскиот плоштад?

    Нашата Општина во минатото организираше дочек на Нова година во рамки на своите можности. Оваа година ни е ускратена таа можност со оглед на финансиската ситуација, но сепак за во иднина се надевам дека ќе бидеме во можност да организираме дочек на Градскиот плоштад. Многу од нашите сограѓани не се во можност да се изложуваат на трошок кој значи дочек на Нова година некаде организирано. Затоа како локална самоуправа би требало доколку сме во можност да организираме, бидејќи тоа е добра шанса за сите ние кои сме граѓани на Куманово да бидеме рамноправни без да се осети било каква сегрегација. Сосема на крај сакам да им ја честитам Новата година на сите мои сограѓани и сограѓанки со надеж дека ќе гледам повеќе насмеани и исполнети лица во 2019.

    Драган Петковски, советник

    Каде ќе ја пречекате Нова година и со кого?

    Оваа година како и неколкуте последни ќе бидеме во домашна атмосфера, најверојатно со пријатели. Впрочем така се чувствувам најопуштено.

    По што ќе ја паметите 2018?

    2018 ќе ја паметам како една од најтешните години во последно време во секој поглед. Од политички превирања, меѓусебна комуникација спуштена на најниско ниво, до економска криза која станува се поприсутна.

    Што очекувате од 2019?

    Во 2019 година би сакал конечно да ги надминеме проблемите и несогласувањата, како би мижеле да тргнеме напред кон подобра иднина, без пречки од минатото.

    Што сакате да ви донесе Дедо Мраз?

    Дедо Мраз не треба да ми донесе ниѓто големо и важно. Малите задоволства ја прават среќата на човекот.

     Сметате ли дека треба Општината да организира пречек на Градскиот плоштад?

    Мислам дека Општината треба да организира заеднички пречек на плоштадот. Не мора да биде нешто спектакуларно и скапо, на многу граѓани ваков пречек би им значел.

    Соња Тодоровска, советничка

    Каде ќе ја пречекате Нова година и со кого?

    Новата Година ќе ја дочекам дома во кругот на семејството, сметам дека дочекот во кафеана е многу скап, а месецот јануари има многу убави празници кои сакам да ги прославам со роднините и пријателите.

    По што ќе ја паметите 2018 година?

     2018 ќе ја паметам по многу патувања, нови пријателства и нови искуства.

     Што очекувате од 2019 година?

    Во 2019 година сакам многу здравје за мене и моето семејство, очекувам нови патувања, пријателства и нови знаења и искуства.

    Што сакате да ви донесе Дедо Мраз?

    Дедо Мраз сакам да ми донесе здравје, среќа и љубов.

    Сметате ли дека треба Општината да организира пречек на Градскиот плоштад?

    За дочекот на Нова Година на плоштад сметам дека не е неопходен и дека со многубројни и разновидни  предновогодишни активности ќе се пружи доволно забава и магија за сите граѓани, а организацијата на новогодишната ноќ да остане личен избор на граѓаните.

    Виктор Божиновски, адвокат

    Каде ќе ја пречекате Нова година и со кого?

    Во домашна атмосфера со најблиските зашто тоа секогаш е најпријатна и најубава атмосфера

    По што ќе ја паметите 2018?

     2018 ќе ја паметам по бегството на најголемиот патриот Груевски, човекот кој ги уништи нормалните односи во Македонија.

    Што очекувате од 2019?

    Развој на економијата и многу повеќе работни места во реалниот сектор за сметка на вработувања во администрацијата. Многу поголема храброст од помладите.

    Што сакате да ви донесе Дедо Мраз?

    Среќа, радост и љубов

    Сметате ли дека треба Општината да организира пречек на Градскиот плоштад?

     Да, прославата треба да се врати на плоштадот затоа што насекаде во светот Новата година е можност луѓето да се дружат во убава атмосфера и во круг не само на пријатели, туку и луѓе кои можеби не ги знаат, но сепак можат да се чувствуваат пријатно.