×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово нема спуштени тротоари за движење со инвалидска количка

    18.03.2019 10:07 | KumanovoNews

    Околу 700 лица кои користат количка не можат да се движат по кумановските улици затоа што инфраструктурата не е прилагодена на нивните потреби.

    Куманово нема спуштени тротоари за движење со инвалидска количка

    Во Куманово речиси и да нема спуштен тротоар за непречено движење на инвалидизираните, поради што тие и нивните придружници се соочуваат со големи проблеми. Истите маки ги имаат и родителите кои туркаат количка со деца.

    „Во Куманово на прсти од една рака можат да се видат луѓето во количка, било сами или некој да им помага. Од проста причина што ако треба да се движат, тоа мора да го прават на улица, бидејќи тротоарите на пешачките премини не се спуштени за да може количката без напор да се спушти. Во Куманово буквално нема ниту еден спуштен тротоар. Нема на плоштадот, нема пред општината. Јас морам да се движам на улица и само се надевам дека некој нема да ме згази. Поминуваат покрај мене на 5-10 сантиметри со голема брзина. Потребата за движење е основното човеково право и затоа не можам да си дозволам да седам дома, да бидам на некој начин во притвор, затоа што општеството не создало услови за мое непречено движење“, вели Драган Спасовски, кој боледува од мултипла склероза и од пред година и пол е во инвалидска количка.

    Спасовски смета дека државата и Општината досега не презеле ништо за решавање на овој сериозен проблем, но разочаран е што и новата власт нема слух за нивните маки.

    „Тие се водат од логиката дека граѓаните се плашат од луѓе во количка, дека тоа е малер, дека се вознемируваат децата, зашто ги потсетува на некоја несреќа. Мислам дека се работи за психолошки, а не за финансиски проблем. Јас замолив луѓе кои се занимаваат со градежништво да направат математика колку чини да се спушти тротоар. Еден метар чини од 40 до 50 евра. Ако се земе предвид дека на тротоар треба да се спуштат по два метра од двете страни на пешачкиот премин, тоа би чинело до 10.000 денари. Не ѝ е проблем на Општината да се расфрла со пари за пејачи, ама нема пари за тротоарите. По еден годишно да правеа, за изминатите 10 години ќе беа спуштени сите тротоари во централното градско подрачје“, додава Спасовски.

    Од Општина Куманово информираат дека во текот на оваа година ќе реализираат активности за изведба на повеќе спуштени рабници.

    „Приоритет ќе имаат улиците во централно градско подрачје и делот покрај основните и средните училишта. Во делот на изведба на нови проекти и реконструирање на постојните, ќе се применува правилник за обезбедување непречен пристап, движење и престој на лица со инвалидност“, одговорија од Општината.

    Покрај немањето пристап на јавните површини, пред сѐ, во парковите и на градскиот кеј, луѓето во количка се жалат дека не можат да влезат ни во јавни институции, ресторани, слаткарници, продавници, приватни лекарски ординации, онаму каде што секојдневно би сакале и имаат потреба да отидат.

    „Тоа е законска обврска. Немам надеж дека ќе се реши проблемот. Немаме поддршка од власта, нема поддршка од јавни личности, интелектуалци, од културни работници. Ние сме дискриминирани и сами се бориме за елементарно право, бидејќи нашиот избор е нормално да живееме, наместо да седиме затворени дома“, вели разочарано Спасовски.

    Тој смета дека лицата во количка се дискриминирани и во однос на гласачкото право, бидејќи наместо да гласаат на гласачко место, тоа го прават дома.

    Спасовски е голем борец и вели дека нема да застане со барање на своите права. Досега испраќал писма до сите надлежни државни и локални институции и весници, гостувал во емисии, а пред една недела отвори и Фејсбук група „Похуман однос кон инвалидите“.

    С. Николиќ