×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Манастирот Забел заборавено духовно светилиште

    28.08.2019 06:34 | KumanovoNews

    Едно од најстарите духовни светилишта во Кумановско, манастирот "Забел" во селото Старо Нагоричане, посветено на Успение на Пресвета Богородица - Голема Богородица, заборавено е од луѓето и црквата.

    Манастирот Забел заборавено духовно светилиште

    Во него одамна е замрен духовниот живот и поради тоа голем број верници, предадени на традицијата, го посетуваат само на денот на патронот, иако имаат желба вратите на манастирот да бидат отворени во текот на целата година и да живее и да се развива како другите манастири во државата.

    Негрижата и запуштеноста довеле до целосно распаѓање на конаците и манастирските порти. Руинираните објекти немо сведочат за незаинтересираноста на човекот кон духовното наследство.

    Пред неколку години поправен е кровот на црквата, а реновирани се помошните простории, кујната и трпезаријата. Сега има минимални услови за престој на гостите на славата, но тоа е далеку од она што го диктираат стандардите и условите кои ги имаат другите верски објекти и светилишта во земјава и надвор од неа, кои ги посетуваат и туристи.

    Црквата "Пресвета Богородица" во манастирот "Забел" е изградена 1330 година, но како и повеќето православни светилишта во Македонија, во времето на турското владеење била целосно срушена.

    Според легендата што ја прераскажуваат жителите од овој крај, од разурнатиот манастир останале само три гроба во олтарот. На некој човек од селото му се сонило дека во еден од гробовите има скриено богатство, со кое треба да се обнови стариот манастир. Тој навистина откопал злато, а потоа отишол кај игуменот во матејчкиот манастир да побара согласност од Цариград да му дозволат да го подигне светилиштето. Обновата почнала во 1852 година. На темелите на старата црква, со димензии од 12 на 7 аршини, за четири години бил изграден новиот храм. Мајсторите го поставиле и олтарот, но не успеале докрај да го изработат фрескоживописот и внатрешно да ја уредат црквата. И по толку години постоење, досега никој не се нашол да ја уреди црквата.

    Манастирот "Забел" се наоѓа на тромеѓето меѓу селата Никуљане, Старо Нагоричане и Челопек, на петнаесетина километри од Куманово. Местото на кое е изграден потсетува на гнездо. Неговата скриеност од сите страни и зафрленоста не биле пречка ова духовно светилиште некогаш да врие од луѓе и живот.

    "Порано тука се вкрстувале многу патишта, па во манастирот доаѓале многумина верници и патници-намерници, кои ноќевале во конаците. Со својата плодна земја и густа шума, манастирот бил еден од најбогатите во земјата. Го опслужувале дваесетина семејства, кои одгледувале над 200 овци, 20 грла крупен и ситен добиток. Во манастирскиот двор имало неколку бунари, амбари, воденица за мелење брашно, фурна и се друго што му требало на едно богато селско домаќинство. Во него, се до средината на минатиот век, живееле и калуѓери. По војната тие биле протерани и животот во манастирот замрел", раскажуваат постарите жители.

    Црквата "Успение на Пресвета Богородица", сепак, успеала низ вековите да му се спротивстави на времето и да зачува дел од убавината што и ја дариле градителите. Но, пред десетина години од црквата се украдени четири икони стари над сто педесет години. Иконата на Мајка Богородица и уште три други, со димензија од метар и половина на седумдесет сантиметри, се извадени од нејзиниот олтар. Ги изработил познатиот живописец Дичо Зографот и нивната вредност е непроценлива. Од нив се уште нема никаква трага. Постарите жители велат дека ова не е прва кражба и дека судбината на оваа црква е многу тажна, бидејќи никој вистински не сака да се заложи за нејзино обновување.

    На празникот Голема Богородица манастирот е преполн со народ и верници. Во дворот на црквата се дели манастирско гравче, а на празничната трпеза има многу гости. На ливадите и полјанките во дебелите дабови сенки, луѓе на сите возрасти уживаа во прекрасната природа, далеку од градската жега.

    „ Ова место е Божји рај. Тука природата е недопрена, а Господ не штедел кога ја создавал. Има се што може да се посака за одмор на душата. Сега, човекот треба да се погрижи да ги искористи овие убавини и да го врати некогашниот сјај на ова свето место“, - велат жителите.

    Посетеноста на "Забел" за Голема Богородица влева надеж дека доколку се обноват конаците овој комплекс има капицитет вистински да заживее и ќе биде место за одмор и духовен мир за жителите од Североисточниот регион.

    Сузана Николиќ