×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Меѓународниот тамбурашки фестивал почнува во четврток

    21.08.2018 14:49 | KumanovoNews

     Во три фестивалски вечери ќе настапат десетина тамбурашки оркестри и уште толку пејачи од земјава и странство

    Меѓународниот тамбурашки фестивал почнува во четврток

    На Градскиот плоштад Куманово во четврток започнува 14. Меѓународниот тамбурашки фестивал „Куманово 2018“. Во три фестивалски вечери ќе настапат десетина тамбурашки оркестри и уште толку пејачи од земјава и странство.

    Првата вечер е насловена „Нино и пријателите“, а посветена е на 35 годишниот јубилеј на кумановската музичка легенда Нино Величковски.

    Гости на вечерта ќе бидат: Виолета Томовска, Маргица Антевска, Наум Петревски, октет Куманово, Кумановски Тамбураши со солистите Сандра Милковска и Нино Величковски, тамбурашкиот состав „Велос“ од Нови Сад и оркестар „Пријатели“ од Скопје.

     - Во петок на градскиот плоштад ќе понудиме програма каде гости ќе се Кумановски тамбураши со солистите Сандра Милковска и Нино Величковски, оркестрите „Ругато“- Пожега, „Пљевље„ од Црна Гора со солистите Нина Стругар, Дејан Шкулетиќ и Мугдин Нухановиќ и „Велос“ од Нови Сад, - изјави Нино Величковски, уметнички директор на фестивалот.

    Фестивалот ќе го затворат во сабота Радовишки тамбураши, ансамблите на Здравко Ќосиќ од Бања Лика, „Ужице“ од Србија, „Петруњчица“ од Хрватска и Вараждинскиот тамбурашки оркестар од Хрватска. Со Радовишки тамбураши требаше да настапи балканската тамбурашка легенда Драгомир Шојиќ, кој утринава почина.

    Оваа година Фестивалот ќе се одржи на Градскиот плоштад, на голема бина и за посетителите ќе бидат обезбедени околу 700 столчиња. Организаторите ги повикаа кумановци масовно да дојдат и да уживаат во тамбурашката музика.

    На новинарско прашање дали организаторите размислуваат Тамбурашкиот фестивал да го организраат по теркот на Пиво-фест, со учество на поголем број на угостители, кои ќе постават свои маси на целиот градски плоштад, да се организираат свирки во угостителските објекти и преку ден, и со тоа градот да живее неколку дена во знакот на оваа манифестација, Величковски одговори дека тоа ќе зависи од интересот на угостителите и граѓаните.

    - Догодина славиме 15 годишен јубилеј и ќе размислуваме за таа идеја целиот град да пулсира три или пет вечери, ако има интерес и кај угостителите и граѓанството така ќе го направиме. Тоа е одлична идеја и треба да ја споделиме со Секторот за култура, Фондацијата, Домот на културата, да направиме во неколку вечери, вечер на тамбура, вечер на вино и гитари, да имаме спонзори од винарии и слично заради успешна реализација,- изјави Величковски.

    Манифестацијата ја организира  Фондацијата за култура и Секторот за култура, под покровителство на Општина Куманово која обезбеди 800.000 денари и Министерството за култура 150.000 денари.