Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На граничниот премин Табановце, цариниците кај скопјанец откриле 9 платежни картички (MAESTRO, VISA, AMERICAN EXPRESS PLATINUM). На 2 февруари пред полноќ, за излез од државата на граничниот премин Табановце-автопат се пријавило комби со бугарски регистарски ознаки.
По претходно селектирање на возилото и патниците, а поради недоследности во изјавите на еден од патниците, царинските службеници пристапиле кон детален преглед на истото, при што не биле пронајдени неправилности. Но, при личен претрес на патникот, царинските службеници ги пронашле картичките, кои гласеле на неколку различни имиња. Повикан да даде објаснение за ова, лицето не било во можност да даде разумно и издржано образложение.
Во консултација со Министерството за внатрешни работи - Сектор за организиран криминал, констатирано е дека пронајдените платежни картички биле предмет на злоупотреба остварена преку недозволено отстранување на имињата на нивните вистински сопственици и испишување на имиња на други лица.
Лицето кај кое се пронајдени картичките е приведено, а против него ќе биде поднесена кривична пријава.