22. 02. 2018 10:51

Обештетени само 54, од пријавените 1600 стечајци

Обештетени само 54, од пријавените 1600 стечајци

 Новиот закон за стечајни работници доживеа вистинско фијаско во Куманово, градот со најголем број стечајци кои со години се борат за решавање на нивниот статус.

Од пријавените 1.600 стечајци, во Агенцијата за вработување решенија за надомест добиле само 54, а од нив само 6 се членови на здружението УНИТ. Со новиот Закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, кој го изгласа оваа влада, во Куманово се планираше да опфати најмалку 1.000 поранешни работници, но поради незнаење или грешка при изработка на Законот, бројката остана минимална. На ниво на државата со новиот Закон обештетни се 2.690 стечајни работници.

„И покрај нашите сугестии дека во Куманово повторно ќе бидат опфатени многу мал дел на работници, бидејќи ги знаеме состојбите во фирмите, од некои само за нив познати причини во Министерството за труд и социјална политика не нè послушаа. Се потврди народната дека треба да послуша паталец, а не гаталец. Да се прифатеа нашите укажувања, тогаш немаше да дојде до ова одолговлекувања и караници меѓу стечајците. Стечајците во Куманово поминаа катастрофално“, изјави Лилјана Георгиевска, претседателка на здружението на стечајни работници УНИТ.

Обештетување нема да добие ни лидерката Лилјана Георгиевска и координатори од сите градови. Георгиевска ќе мора да работи уште 10 месеца за да се стекне со стаж од 15 години колку предвидува законот.

Во Куманово со законот се опфатени само работниците од оние фирми кои се ликвидирани, како Водостопанство, ДИ-ЕР, Монопол, додека од акционерските друштва: ЧИК, ЗИК, Киро Фетак, Полет, Трготекстил, Искра, Лимарско и другите, нема ниту еден.

За да се поправат работите сега ќе се дополнува членот 2 од Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во кој ќе бидат опфатени и стечајците, кои работеле во акционерски друштва, односно во фирми кои биле во државна сопственост, па се приватизирале, но не го промениле матичниот број. Со оваа измена се очекува да бидат опфатени уште најмалку 700-800 во Куманово или 1.600 стечајци на ниво на државата.

„Стечајците уште еднаш се оштетени, бидејќи со дополнување на членот го губат правото на ретроактивна исплата на паричен надомест од септември минатата година кога е донесен законот“, додава Георгиевска.

Стечајците имаат забелешка и на тоа што надомест нема да добијат оние кои доѓаат од фирми што го смениле матичниот број и работници кои самоволно ја напуштеле работата, а не земале никаков надомест или се изманипулирани. Ако не се забрза постапката за дополнување на Законот за стечајците, Георгиевска најавуваа дека повторно ќе излезат на улица, бидејќи веќе се на крај со нервите од чекање.

Од Mинистерството за труд, очекуваат дополнувањата да поминат на владина седница, веќе во вторник, а во собраниска процедура да влезат уште во првата недела од март.

Месечниот надоместок за стечајците е  7.600 денари.

С. НИКОЛИЌ