20. 06. 2018 07:36

Оливер Цветковски: Време е да блесне фудбалската репрезентација на Аргентина

Оливер Цветковски: Време е да блесне фудбалската репрезентација на Аргентина

Секретарот во ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово, Оливер Цветковски, смета дека фудбалската репрезентација на Аргентина има одлични индивидуалци и поради тоа ќе постигне високи резултати на Светското првенство во Русија, но како голем љубител на фудбалот заедно со синот навиваат и не ги пропуштаат натпреварите на Ливерпул и Вадар 

Го следите ли Светското првенство во фудбал во Русија?

Апсолутно, со голема нестрпливост го чекав почетокот, а и моментот кога на едно вакво големо натпреварување ќе настапи нашата репрезентација. Искрено се надевам дека тоа ќе се случи на следното светско или европско натпреварување.

За кого ќе навивате?

Како голем навивач на Англискиот клуб Ливерпул, на светски и европски првенства навивам за Англија. Но, начинот на кој играат во последниов период прогнозирам дека овој пат четвртфинале е нивниот максимум, иако имаат релативно лесна група. Но, светските првенства секогаш се полни со изненадувања така да на нас останува да гледаме и уживаме.

На кого типувате дека ќе ја освои титулата, кој е ваш фаворит?

Време е да блесне фудбалската репрезентација на Аргентина, имаат одлични индивидуалци, но некако неможат да се пронајдат во репрезентативниот дрес. Мислам дека ова ќе биде нивно првенство, но има доста квалитетни репрезентации, како Франција, Германија, секако Бразил, па и фаворити од сенка како Белгија, Хрватска, Уругвај.

 Кого сакате да видите во светското финале?

Би сакал овој пат да видам јужноамериканско финале, пред се поради одлични индивидуалци, но и поради жарот, борбата и начинот на кој ја играат оваа игра.

 Се нервирате ли кога губи тимот за кој навивате?

Нервозата е неизбежна кога губи Ливерпул, сеуште избегнувам разговор на тема финале во Лигата на шампионите, бидејќи Ливерпул загуби од Реал мадрид.

 Со кого најчесто гледате фудбал?

Заедно со синот се трудиме да не пропуштиме натпревар на Ливерпул и нашиот Вадар, нормално тука се другарите, пријателите. Посебно атмосферата станува интересна кога заедно гледаме фудбал со навивачи на спротивни екипи, па на муабетот и докажувањата му нема крај, сето тоа зачинето со по некое ладно пиво го прави фудбалот најважна споредна работа на светот, барем за нас мажите.