×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Општината ќе ги унифицира летните тераси, наместо да ги руши

    05.07.2018 05:41 | KumanovoNews

    Општина Куманово, наместо да ги урива ќе го унифицира изгледот, а со тоа ќе ја легализира работата на диво поставените летни бавчи и угостителска опрема на јавните површини во градот.

    Општината ќе ги унифицира летните тераси, наместо да ги руши

    На предлог на градоначалникот Максим Димитриевски,  Советот на вчерашната седница донесе одлука за утврдување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема на подрачјето на Општина Куманово, која предвидува наместо досегашните најлони и пластики, да се постават настрешници од стакло кои мора да бидат монтажни или демонтажни.

    Градоначалникот признава дека во Куманово има седумдесетина угостителски објекти, претежно кафулиња, кафиќи, ресторани, кои се градени во последните 10 - 15 години, во 90 отсто случаи од нив урбаната опрема ја поставиле спротивно на општинските правилници, а дел од нив имаат и решенија за уривање.

     „Најголем дел од објектите имаат поднесено барање за поставување на столови и маси, но немаат решенија за поставување на урбана опрема од времен карактер. Овој проблем не е само во Општина Куманово, туку е генерален проблем во целата држава. Доколку се применуваат правилниците кои се на сила во Куманово треба да се срушат над 80 времени објекти, а во цела Македонија над 1000 вакви објекти.тЗа да се стави под контрола оваа појава првенствено треба да  интервенира државата и да усогласи неколку прописи во делот на времените објекти,  а во меѓувреме Општината да изнајде механизми, ако не друго, барем закупците да плаќаат за земјиштето кое го користат во моментот. На тој начин сметам дека ќе успееме да воведеме делумна контрола на сето она што се случува во делот на поставување на ваква опрема пред угостителските објекти“, - го објаснуваше предлогот пред советниците Димитриевски.

    Градоначалникот најави дека ќе ги повика угостителите и заедно со надлежните служби ќе побара постоечките објекти да ги усогласат со одлуката и да ги преземат обврските кои ги имаат кон општината.

     Советникот од Партијата на пензионерите Миле Андоновски, кој е во коалиција со СДСМ единствен не гласаше за предлогот, бидејќи се сомнева во неговата законитост и побара да се преиспита. Опозицијата не се впушти во расправа за исправноста на предлог-одлуката и гласаше воздржано.

    „Ги подржувам заложбите на градоначалникот да се воведе ред во оваа проблематика, впрочем тоа беше и заложба на нашата советничка група во кампањата на локалните избори. Да, го подржувам концептот на законитост, но сакам да кажам дека мора да внимаваме во оваа ситуација особено поради евентуалните пропусти од надлежните служби во Општината, коишто со закон биле должни да ги превземат. Оваа одлука за жал тоа не може да го регулира, но не гледам ниту напор како може овие работи да се исклучат во наредниот период. Оваа одлука или измена и дополна не ви овозможува на вас да можете со чиста совест кога ги носите одлуките, да бидете сигурни дека тие се законити. Поради тоа јас кажувам дека ќе гласам против овие измени“, - кажа Андоновски.

    Димитриевски се правдаше дека тој нема вина за ваквиот тип на градби, туку ги наследил од предходните градоначалници па затоа сега сака да ги стандардизира.

     Претседателката на Советот Атина Мургашанска, вели дека политиката на урбанистичко уредување на летните а се повеќе и зимските бавчи во угостителските објекти нема да заврши со донесување на одлуката и најави дека Советот ќе ја следи имплeментацијата на актите што ги донесува.   

    „ За оваа област која не е докрај регулирана и предизвикува коментари и незадоволства кај граѓаните-корисници на услугите, како и кај угостителите, ќе бараме посебна и построга евалуација на примената на оваа одлука и сите останати акти што ја регулираат оваа материја. Да оставиме простор од неколку месеци и да ги видиме урбанистичките и финансиски резултати од нејзината примена, и со конкретни анализи од службите да видиме дали оваа одлука ја регулирала материјата или уште повеќе ќе го зголеми хаосот. Тогаш повторно ќе ја разгледаме и ако треба ќе направиме нови амандамни или тотално нова одлука“, - изјави Мургашанска.   

    Од оваа одлука ќе бидат исклучени само угостителските објекти кои се во „Касапски круг“, „Соколана“ и “Занатски дом“, каде урбаната опрема ќе се поставува со посебни услови, бидејќи се работи за објекти од културно значење на Општината.

    Пред примена на одлуката ќе се побара автентично мислење од државните органи и стручно мислење од Министерството за транспорт и врски, а за решавање на овој проблем градоначалниците побарале помош и од ЗЕЛС.