500x100-1
05. 05. 2016 23:53

Отворена годинешнава „Гимназијада“ (галерија)

Отворена годинешнава „Гимназијада“ (галерија)

Во спортската сала во Куманово, синоќа беше отворена 10-тата средношколска спортска манифестација „Гимназијада 2016“.

Во повеќе спортски дисциплини ќе се натпреваруваат околу 1000 ученици од 60 училишта.
                         
 

„Имајќи го предвид стратешкото значење во развојот на спортот, неговиот придонес за антрополошкиот развој на младата генерација и неговата позитивна улога во борбата против пороците, Агенцијата за млади и спорт како државна институција посветува големо внимание во развојот на училишниот спорт. Eвидентно е дека на секоја наредна „Гимназијада“ настапуваат се подобро подготвени ученици и екипи, се детектираат нови и уште поголеми спортски таленти, затоа што значително се подобруваат и условите за спорт и спортски активности“, - рече Марјан Спасевски, директор на Агенција за млади и спорт.

Агенција за млади и спорт одвојува околу 6 милиони денари за реализација на програмите на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, а секоја година доделува 500 стипендии за млади надежни спортисти.
 

На отварањето се обрати градоначалникот Зоран Дамјановски.

„Куманово е град кој ги следи предизвиците кои стојат пред младите, со една единствена цел да го подобри квалитетот на животот. Работиме на создавање можности до кои младите лесно можат да стигнат, за постигнување на потребните ефекти за позитивен однос кон здравјето, културата и спортот. Куманово има развиена спортска инфраструктура за изведба на овие спортски дисциплини: градска спортска сала, универзални училишни спортски сали, отворени терени за ракомет и мал фудбал, атлетски стадион, а во најскоро време и затворен пливачки базен“, - изјави Дамјановски.

Најуспешните и најистакнатите учесници и годинава ќе бидат наградени со учество на летните кампови во времетраење од 7 дена, кои ќе бидат организирани по завршувањето на натпреварите.

Отварањето беше збогатено со културно-уметничка програма.