×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Oтворено писмо до градоначалникот: Сакаме фудбал

    13.11.2017 10:53 | KumanovoNews

    Отворено писмо до градоначалникот Максим Димитриевски, упат млад кумановец, кој бара да се помогне фудбалскиот клуб Куманово да се врати на местото кое припаѓа, а вљубениците во спортот да имаат можност да уживаат во фудбалот- најважната спорена работа на светот.

    Oтворено писмо до градоначалникот: Сакаме фудбал

    Ако Давидовиќ изјави дека ќе го врати КК Куманово таму каде што припаѓа, зошто да не биде и ФК Куманово онаму баш каде што некогаш припаѓало?

    Драг мој градоначалнику, зарем не би било прекрасно два часа пред натпреварот да лета хеликоптер над градот, со парола: „ДЕНЕС ИГРААТ ФК КУМАНОВО - ФК СЛОГА ЈУГОМАГНАТ. СИТЕ ДО ЕДЕН НА ГРАДСКИОТ СТАДИОН!“ А, одоздола низ џагорливата толпа да се протегаат весели извици, „ураааааааа, ураааааа, победуваме, победуваме! Трите бода се наши!!!“

    Зарем нема да биде прекрасно додека трае натпреварот, а ние задлабочени, мрдајќи со очите лево-десно, следејќи ја топката, слушнеме извик: „Повелете ладни сендвичи, и уште поладни кватро сокчиња, а имаме и тазе класја.“ Ќе се свртиме, ќе го погледнеме момчето со капа, кое потсетува на они дечки кои продаваат на плажа, и веднаш за миг ќе се свртиме назад, зарем не е тоа прекрасно? Или замислете, градоначалнику, играме куп, во некој од работните денови, и гледаме како влегуваат на трибината група првачиња, мавтајќи со знаменца, предводени од насмеана, а воедно и загрижена учителка.

    Зарем не е убаво пред некој голем натпревар да излезе Мартинијан Кириловски, точно на центарот од теренот, во една рака со микрофон, а другата цврсто прилепена на градите, ја пее нашата навивачка песна, а ние сите во еден глас, вибрираме со затворени очи, а по него, да речеме, Маја Арангеловска ги чита составите на тимовите... „А, сега со број 11 за ФК Куманово ќе настапи тој и тој.“

    Зарем не е прекрасно по победата да изнајмиме простор и го слушаме гласот на Нино Величковски, тој боем, тоа неверојатно битие, јас се' уште немам сретнато некој кој повеќе го сака овој град од него...

    Зарем нема да биде тажно-прекрасно, после поразот, во кафеана, преплавени со ракија, решавајќи ги проблемите за играта, да дојдеме до тој степен, фаќајќи се за вратовите... а подоцна, да се бакнеме, силно гушнеме и си простиме еден на друг... „и двајцата истото го зборевме, само не се разбравме... ех, не требаше да го шутнеме Канатларовски...“, а, утредента, совладани од мамурлукот, скролајќи низ социјалните мрежи, ќе налетаме на фејсбук статус постиран од страна на Богдан Петковиќ, каде што дава стручно мислење за вчерашниот пораз, а воедно и нудејќи решение за натамошните натпревари...

    Зарем нема да биде прекрасно, како што вие велите, во најполуларната населба во Куманово, Гоце Делчев, некаде во вечерните часови, после тренинг, на скалите од некој влез: седат неколку деца и разговараат за стратегиите кои ги применуваат двајцата тренери, помеѓу народот познати како Корка и Љато, и кој од нив двајцата е вистинската опција да го води ФК Куманово?

    Зарем нема да е убаво чувстото, на слава, некој постар човек будејќи си некој одамна заспан сјај во очите, гордо да му рече на некое дете, „Ех, и јас некогаш играв за Куманово“, ќе го погледне со благ поглед, и од неговите уста ќе се слушне, „лев, лев бек, момче...други времиња беа тогаш, сосема други...“

    Зарем isn't it nice по вестите на K3 телевизија, да ја слушнеме и го погледнеме спотот на новата песна на Тајзи за нашиот Фудбалски Клуб, доста ни е од November Rain и Don't Worry be happy, јас и пријателот на сликата сме worried, сакаме фудбал, фудбал.

    За крај, градоначалнику, јас сум свесен дека во оваа општина постојат голем број на проблеми, јас и мојот пријател на сликата, би биле среќни доколку и ова се најде на листата на проблемите, без разлика дали таа е вметната во тефтер или Excel.

    А, со проблемите знаеме што треба да се прави, нели? Сигурно не се бега од нив. Без разлика дали се во нас или надвор од нас.

    Ви благодарам однапред.

    (Автор: Стефан Велкоски, студент на Факултетот за безбедност и финансиска контрола)