×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Пламенот достигаше до 20 метри, а од топлината не можевме да се приближиме на 200 метри, велат луѓето кои го гаснеа пожарот кај Железничката станица

    13.08.2019 12:10 | KumanovoNews

    Сѐ уште горат остатоците од дрвените прагови што вчера попладне се запалија на складиштето покрај Железничката станица во Куманово.

    Пламенот достигаше до 20 метри, а од топлината не можевме да се приближиме на 200 метри, велат луѓето кои го гаснеа пожарот кај Железничката станица

    Вработените на ЈП Железници-инфраструктура, коишто утрово ги затековме покрај згариштето велат дека пожарот е ставен под целосна контрола околу 4 часот по полноќ. Во гаснењето учествувале 10 противпожарни возила и 30 пожарникари од Кумановската противпожарна единица, десетина нивни работници, а се вклучила и специјална композиција- цистерна за гаснење на пожари на железницата.

    „Повеќе од 10 часови гореше. Тоа е невидено досега. Пламенот достигаше до 20 метри височина. Од топлината не можевме да се приближиме на повеќе од 200 метри. Гаснеа пожарникарите од Куманово, а по полноќ дојде и наша цистерна со колеги од Скопје и Велес. Таа има поголем капацитет, потрошивме околу 40 тони вода и пожарот го изгаснаа околу 4 часот по полноќ “, - раскажуваат вработените, кои од вчера попладне се на своите работни места, го контролираа и го гаснеа огнот и утринава.

    Тие велат дека пожарот бил пријавен околу 17 часот, се јавиле жителите од куќите под патот и кажале дека излегува дим од старите прагови. За кратко време, не повеќе од 10 минути, огнот букнал и се раширил на целата површина. Веднаш била исклучена електричната енергија поради што железничкиот сообраќај беше во прекин извесно време.

    „Тука се складираа старите прагови што се вадеа од поправки, од пругите за Бељаковце и Табановце каде се ставија бетонски прагови. Имаше три реда во висина од околу 10 метри и во должина од 50 метри. Не знаеме колку беа на број ама околу 10.000 илјади сигурно. Лесно се запаливи бидејќи се прекриени со битумен и уље, тоа гори повеќе од нафта. Сега има најмалку три метри жар, тоа ќе гори уште 10 дена, нема шанси да се изгасне со вода. Затоа сме тука да го гаснеме и конторлираме. Синоќа пожарот се гледаше од Скопје, од Врање, ни се јавуваа луѓе од целата кумановска околија да прашат што се случува. Страшно беше, но за среќа не се оштетени жиците од електричната инсталација и шините на пругата“, - раскажуваат работниците.

    Тие не сакаат да шпекулираат која е причината за големиот пожарот, велат дека тоа ќе го утврди истрагата. Претпоставуваат дека ако не е човечки фактор, тогаш можеби е предизвикан од стакло од високите температури, па се запалила тревата која ги зафатила праговите. Сметаат дека е направена голема штета, бидејќи дел од праговите биле употребливи и можеле да се користат во втора рака за не толку прометни колосеци. Во сета несреќа велат дека е добро што немало ветер, бидејќи би се запалила железничката станица, воените магацини и населбата околу неа. Со исто мислење се и соседите од првиот деловен објект до складиштето.

    „Цела ноќ бевме тука. Гледавме како огнената стихија дивее и голта се пред себе. Искри летаа на сите страни. Се молевме да не ја зафати нашата фабрика и куќите. Се собра народ како на панаѓур ама никој не можеше да помогне. Не знам зошто праговите беа оставени без заштита, кога се знае дека постојано доаѓаа луѓе да крадат“,  - вели сопственикот на објектот.   

    Големиот пожар кај Железничката станица, се гледаше од сите делови на градот и синоќа ги вознемири кумановци. Облак од густ и црн чад го обвитка градот, а непријатна миризба се чувствуваше во текот на ноќта и утринава.

    (С.НИКОЛИЌ)

    (СДК.МК)