500x100-1
13. 05. 2019 22:23

Поништена одлуката на Антикорупциска против градоначалникот и претседателката на Советот

Поништена одлуката на Антикорупциска против градоначалникот и претседателката на Советот

Управниот суд ја прифати тужбата на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и претседателката на Советот, Атина Мургашанска и ја поништи одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК), за покренување на постапка за спречување на корупција и судир на интереси, затоа што кружната сала во зградата на т.н Комитет, била искористена за одржување на предизборни активности на кандидатот за претседател Стево Пендаровски.

Одлуката е донесена на седница на Управниот суд во петок, со образложение дека не е со сигурност јасно дали просторот во кој се оддржала средбата со граѓаните е во фактичко владеење на Општина Куманово, имајќи во предвид дека за предметната зграда се води судска постапка за утврдување на право на сопственост, за што потврдува и самиот тужен орган ДКСК.

„Оценувајќи ја законитоста на оспорената одлука Управниот суд најде дека тужениот орган ДКСК не ја утврдил фактичката состојба, поради што не е во можност да цени дали во целост е применето матерјално право“, - стои во образложението од ДКСК.

Приговор за кршење на Изборен законик против градоначалникот и претседателката на Советот поднесе ВМРО-ДПМНЕ, по што Антикорупциската комисија констатираше дека  се работи за објект - имот на Република Македонија и согласно тоа е прекршен членот 36 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

На ова Димитриевски и Мургашанска поднесоа тужба до Управниот суд, која им е уважена а одлуката на ДКСК  поништена.