500x100-1
05. 11. 2019 13:20

Познати добитниците на Ноемвриската награда

Познати добитниците на Ноемвриската награда

 Пет Ноемвриски награди оваа година ќе додели Општина Куманово, од вкупно 28 предлози, колку пристигнале до Комисијата за одбележување празници и манифестации

Три физички и две правни лица се овогодинешни добитници на општинското признание Ноемвриски денови, што се доделува по повод Денот на ослободувањето на Куманово, соопшти денеска претседателот на Комисијата за одбележување празници и манифестации, Сашо Милковски.

Добитници на најпрестижното општинско признание се: Хасан Хасани-лекар специјалист педијатар, основач на приватна здравствена установа "Зана" Куманово, за неговиот придонес и особен ангажман во здравствената дејност, за што сведочат и пофалници и благодарници добиени од релевантни институции.

 Радомир Гелевски-лекар специјалист по абдоминална хирургија, раководител на одделот при хируршки болести во ЈЗУ Општа болница во Куманово, автор и коавтор на повеќе стручни трудови за абдоминалната хирургија, а особено за неговиот ангажман во здравствената дејност како и за унапредувањето на хируршките процедури и интервенции и Димитар Масевски-историчар уметник и основач на Друштво за наука и култура "Парадигма", за неговата повеќе децениска културна, општествена и творечка дејност посветена на историјата на градот Куманово.

Ноемвриската награда на Општина Куманово за 2019 година во вид на диплома се доделува и на правните лица: Женскиот ракометен клуб Куманово, кој оваа година одбележува 90 години од основањето и е најстар спортски колектив во државата, за одличните резултати во ракометот во изминатите години, а особено за освоениот Трофеј КУП на државата во сезона 2019/20 и ОУ "Крсте Мисирков" од Куманово, за долгогодишната успешна реализација на воспитно-образновниот дел.

Паричната награда во износ од 100.000 денари ќе биде поделена на еднакви делови на трите физички лица, а правните лица ќе добијат диплома.  Исто така дел од  28 кандидати за Ноемвриската награда ќе добијат благодарници.

Ноемвриската награда се доделува на поединци, претпријатија и други организации, установи, здруженија и заедници чие дело односно резултати во работењето и делувањето претставуваат посебно остварување во областите на стопанството и вонстопанските дејности, во текот на едногодишен и повеќегодишен период.