×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Познати седум кандидати за претседател на СДСМ во Куманово

    05.06.2019 11:31 | KumanovoNews

    Мартин Костовски, Владимир Павловски, Виктор Божиновски, Сашо Тодоровски, Томица Илиќ, Даниел Стојчевски и Марјан Петковски, се кандидати за претседател на општинската организација на СДСМ во Куманово.

    Познати седум кандидати за претседател на СДСМ во Куманово

    Дел од пријавените споделија на социјалните мрежи, а дел потврдија за кумановоњус.мк.

    Рокот за поднесување на кандидатури и предлог програми за претсeдатели на општинските организации на СДСМ, завршува до крајот на денот.  

    Досегашниот претседател и директор на ЈП „Службен весник“, Мартин Костовски, на својот Фејсбук профил обелодени дека поднел кандидатура и предлог-програма за нов мандат за претседател на најголемата општинска организација на Социјалдемократски Сојуз на Македонија.

    - Пред месец дена го победивме ВМРО во Куманово со 4300 гласови разлика, а веќе одамна Куманово е бастион на СДСМ. Нашата битка не е завршана тука, помотивиран и поодлучен како никогаш до сега, продолжуваме во нови заеднички победи, - напиша Костовски. 

     Виктор Божиновски, адвокат и поранешен директор на ЈП „Водовод“, вели дека основен мотив за неговата кандидатура е фактот што смета дека општинската организација може да функционира подобро на организационен и политички план.

    - И покрај успесите на СДСМ Куманово на Локалните избори 2017 и Претседателските оваа година, општинската организација може да фунционира многу подобро како на организационен така и на политички план, пред се во односот кон граѓаните на Куманово, но и на план на подобрување на внатрепартиските односи. Од тој аспект подготвен сум да ја превземам одговорноста за работата на организацијата во наредниот период, - ни изјави Божиновски.

    Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски, вели дека ќе се кандидира затоа што има добра програма за работа.

    -Ќе се кандидирам затоа што мислам дека можам да понудам добра програма и општинската организација ќе ја подигнам на едно повисоко ниво, се со цел прво граѓаните да бидат задоволни, како и членството на самата општинска организација, а секако да ја задржиме идеологијата и правецот кон ЕУ и НАТО, што е стратешка определба на самата партија, - вели Стојчевски.

    На листата на кандидати за лидер во општинската организација е и советникот во Советот на Општина Куманово, Владимир Павловски, кој по опсежната анализа на состојбите во СДСМ Куманово во изминатиов период, проценил дека на огранокот му требаат реформи.

    - Земајќи го во предвид 20 годишното активно членство во партијата и познавањето на внатрепартиските состојби, решив да поднесам кандидатура за претседател на ОО СДСМ Куманово, се со цел да работам на реформирање, модернизирање и враќање на единството и социјалдемократската идеја во општинската организација во Куманово, - изјави  Павловски.

    Директорот на Градската библиотека Марјан Петковски,  вели дека во партијата е потребна сплотеност, а тој сметам дека има потенцијал да придонесе за градење на доверба, добри меѓучовечки односи, единство и добри ставови за понатамошната работа и успешно ширење на социјалдемократската идеја меѓу членовите, симпатизерите и пошироко.

    - Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е силна партија, има бројни квалитетни кадри и кој и да биде претседател верувам дека ги има овие доблести и добро ќе ја води партијата, - изјави Петковски.

    Во јавноста се шпекулира за уште неколку имиња за оваа функција, но засега нема потврда дали тие ќе поднесат кандидатура за лидерското место во кумановската општинска организација.

    Во отворениот повик на СДСМ се наведува дека кандидатите треба да ги исполнуваат критериумите од Правилникот за кандидирање и избор на претседател на општинската организација на СДСМ и тоа да уживаат висок авторитет, углед и доверба во нивната средина, да бидат доследни во остварувањето на политичките и програмските определби на СДСМ, да имаат јасна визија за идниот развој и делување на СДСМ на локално ниво, да поседуваат силни политички и организациски способности, да бидат членови на СДСМ во моментот на поднесување на кандидатурата итн.

    Заинтерсираните кандидати програмите за работа треба да ги достават најдоцна до 5 јуни до претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

    Според објавениот роковник целата процедура треба да заврши до 16 јуни, кога ќе бидат именувани претседателите на општинските организации, по што ќе следат рокови за предлагање и избор на членови на  извршните и надзорните одбори на општинските организации, постапка која ќе заврши до 28 јуни.

    Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на 23 мај ги развреши претседателите на сите 78 општински организации на партијата.