Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Театар Куманово, утре (петок) во 20 часот, премиерно ќе се одигра драмата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, во режија на Андреј Цветановски.
Режисерот Цветановски вели дека „Макбет“ е пиеса во којашто се зборува за амбицијата, за вечната борба на човекот да биде некое скалило погоре, ако може и на највисокото, но и за тоа колку во борбата се губи она што е човечко.
„Љубовна приказна којашто завршува со крв. Брачниот пар, кој и во претставата и во реалниот живот се брачен пар, се стожери на претставата, наспроти другиот дел од екипата коишто го претставуваат нашето опкружување“,- рече режисерот Цветановски, при најавата на премиерата.
Тој додаде дека за реализацијата на претставата од големо значење бил тимскиот дух и атмосферата без која не може да се создаде свет во кој ќе се изгради ваква пиеса.
Во претставата главните ликови ги играат актерите: Горан Илиќ во улогата на Макбет, Кети Дончевска Илиќ во улогата на Леди Макбет.
„Да се работи Шекспир е навистина големо задоволство и голем предизвик за актер. Навистина мислам дека тоа е еден од најголемите испити во животот и најголеми задоволство на артистот. Мене ова ми е шести пат да работам на претстава од Шекспир, а вторпат да ја работам претставата „Макбет“, - рече актерот Горан Илиќ.
„Сметам дека направивме одличен производ, одлична театарска претстава. Направиме една комплетна, визуелна, актерска, сценска слика којашто верувам дека ќе ги воодушеви гледачите“,-рече актерката Кети Дончевска Илиќ.
Во претставата играат и Александра Пешевска, Сања Русевска и Александра Михајловска, како вештерки, како и Марко Трајковиќ, Антонио Димитриевски, Мирослав Петковиќ, Владо Дојчиновски и подмладокот на кумановскиот театар Давид Илиќ и Матеј Стојковски.
Сценограф на претставата и задолжен за дизајнот на плакатот е Сергеј Светозарев, костимограф е Александар Рашковиќ, а композитор Димитар Андоновски.
Шекспир, претставува основа за светската театарска класика и столб на она што денес го нарекуваме драма и театар. Неговите дела зборуваат веќе 400 години, затоа што станува збор за универзални теми кои секогапш оделе во длабочината. Темата на неговата трагедија „Макбет“ е тема за ненаситното човеково око, за заборавањето на тоа дека човекотовото тело е негов храм и за унииштувањњето на животот поради алчноста. Трагедија која го преиспитува човековиот морал и го поставува прашањето: дали има место за чесниот човек, внатре во општеството?