500x100-1
26. 08. 2010 18:33

Протоколот ги подели советниците и администрацијата

Протоколот ги подели советниците и администрацијата

Протокол е кога Советот ќе донесе заклучок едно јавно претпријатие да достави информација, и директорот да нема право вон микрофон,  пред новинарите да кажува "ќе добиете".

Во кулoарите добив прашање од општинската администрација што е тоа Протокол и јас како еден од иницијаторите должен сум да образложам. Поедноставено, Протокол е кога советник ќе се јави за дискусија да неможе извесен раководител на Сектор за меѓународна соработка да му реплицира, бидејќи неговата работа е да одговара на поставени прашања, а не да се вклучува во дебата и да реплицира. Понатаму, протокол е кога Советот ќе донесе заклучок едно јавно претпријатие да достави информација, и директорот да нема право вон микрофон да кажува пред новинарите "ќе добиете". Треба да се регулираат тие односи така да ако директорот не ја достави информацијата која му ја бара оснивачот, тој треба да „добие„ во буквална смисла.Треба да се знае како треба, а како не треба да функционира државната администрација. Заради тоа ние советниците без разлика на опозиција или позиција се договоривме  да се донесе едно Правило за однесување за да се знае кој што смее, а што не смее -  објаснуваше советникот Миле Јакимовски од ВМРО-НП на денешната седница пред да се избере Комисија за изготвување протокол на Општина Куманово.

Секретарот на Општината Оливер Спасовски, одговори на излагањето на предлагачот и обвинувањата на сметка на администрацијата.

Протоколот апсолутно не е докумен со кој ќе одредите како и на кој начин ќе се дава збор и кој ќе учествува во расправа. Тоа го регулира Деловникот за работа на Советот на Општината Куманово и ако има некаков недостаток ќе треба да се отстрани на тој начин. Не е точно дека администрацијата не треба да коментира и не треба да реплицира. Во демократијата тоа е дозволено и секој кој учествува во дискусија има право да го брани својот став и да одговора на одредени прашања. Ако мислите дека ќе направите таков Протокол мислам дека имате промашена тема ако се држите до насоките кои што сега ги искажавте. Ако мислите на Протокол за одржување на некакви манифестации, како ќе бидат организирани, кој и на каков начин ќе учествува и каде ќе седи тоа го регулира Протоколот, кој треба да го направи Република Македонија преку правилник во Министерството за надворешните работи. За жал ние го немаме, но во некои соседни држави веќе функционира. Сите други процедури што се однесуваат за работа на седницата ако се нерегулирани треба да покренете постапка за измена на Деловникот и тука да ги регулираме - рече Спасовски.

 Во дискусијата се вклучија уште неколку советници, по што беа избрани членови на Комисија за изготвување протокол на Општина Куманово. Неа ја сочинуваат: претседател Виктор  Цветковски СДСМ, членови Зоран Петрушевски независен советник, Бранко Арсовски СП, Миле Јакимовски ВМРО-НП, Зоран Маневски НСДП, Александра Георѓиевска СДСМ,Слаѓана Георгиевска ВМРО-ДПМНЕ, Дритан Рамадани НД и Хуљуси Бекири ДПА.  

Протоколот ги подели советниците и администрацијата