×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Сакам дa бидам корисен и да продолжам нормално да живеам, порачува Ивица на кој му е потребна протеза за ампутираната нога

    26.08.2017 11:24 | KumanovoNews

    „Не сум рамнодушен кон она што ми се случи ама не сакам да се затворам дома и да патам. Животот оди понатаму, нема да биде исто, но гледам максимално да ми биде убаво и под овие околности„, - вели момчето, за кое хуманите граѓани се мобилизираа да му помогнат да купи протеза за ампутираната нога.

    Сакам дa бидам корисен и да продолжам нормално да живеам, порачува Ивица на кој му е потребна протеза за ампутираната нога

    Четириесетина илјади евра се потребни Ивица Станковски-Белчо (37) од Куманово да  набави квалитетна протеза, која ќе му помогне самостојно да се движи, откако пред месец и половина остана без едната нога во сообраќајна несреќа на раскрсницата кај спортската сала во Куманово, при судир на мотор и џип. По сложената оперција во кој му е ампутирана ногата, Ивица деновиве се врати дома, но неговиот живот е сменет од корен. Повеќе не може самостојно да се движи, а тешко му паѓа користењето на штаки и други помагала.

    „Бев хиперактивен, а сега сум ограничен на 500 метри. Никогаш повеќе нема да се вратам на стариот начин на живот, бидејќи протезата се вади навечер, а се монтира насабајле. Но, барем да успејам да функционирам најдобро што можам, да бидам самостоен во работата. Рацете ми се зафатени со штаки и тоа ми е најголем проблем“, - вели Ивица.

    Набавката на протеза и целиот процес на рехабилитација Ивица планира да го изврши во Словенија или Италија. Во зависност од тоа каде ќе му дадат најдобра гаранција дека протезата беспрекорно ќе функционира. Постапката е многу сложена и скапа, па затоа е потребна квалитетна клиника и големо искуство на лекарите, кои работат на оваа проблематика.    

     „ Јас имам голем проблем затоа што ми е ампутирана ногата над колено. Да сум имал среќа во несреќата да ми е ампутирана под колено тогаш би поминал со помалку пари и се би било поедноставно. Сега во најефтината варијанта 25.000 е само коленото, плус шипка, навлака, па втор зглоб, сето тоа чини околу 30.000 евра и 10.000 евра ми се потребни за третманите и самиот процесот на рехабилитација, бидејќи еден ден во болницата чини 160 евра, а треба да престојувам најмалку 30 дена. Протезите не се трајни и јас за извесно време повторно ќе со соочам со истиот проблемот, бидејќи ќе морам да набавам нова протеза. Една од поевтините варијанти со добар квалитет чини 40 000 евра, а подобрата е над 70.000 евра“, - додава Ивица.

    Бидејќи нема здравствено осигурување од 6 месеци како што предвидува законот, а поради повредата не може да работи во сопственото студио за тетоважи многу тешко сам ќе ги обезбеди парите. Негови другари и пријатели, колеги моторџии започнаа акција за собирање на потребните средства. Се вклучија и хуманитани организации, поединци, фирми, се организираат хуманитарни концерти и забави во повеќе кафулиња се поставаат донаторски кутии, се со цел да му се помогне Ивица да застане на здрави нозе. Граѓаните можат да донираат по 100 денари и на телефонските броеви на: ВИП: 143-470 и Т-Мобиле: 143-144.

    „Искрено, многу пријатно сум изненаден и презадоволен од одзивот и подршката што ми ја пружаат граѓаните. Ова беше идеја на четворица мои другари. Незнам како да се заблагодарам на сите луѓе, самоиницијативно се вклучуваат во акцијата, се јавуваат, нудат помош. Мои пријатели почнаа акција и во другите градови во Скопје, Битола, Струга, се организираат свирки, концерти, ми пишуваат од странство. Се надевам дека ќе ги собереме потребните пари“, - додава Ице.

    И покрај тоа што овој млад човек поминува низ исклучително тежок период, полн со страв и неизвесност, а остатокот од животот мора да го помине со протеза на ногата, тој размислува позитивно и не ги губи ведриот дух и смислата за хумор.

    „Немој да пишуваш тажна приказна, немој да ми го рушиш имиџот на весел и позитивен човек,- се пошегува Ице.

    „Без оглед на тоа што ќе се случува понатаму јас секогаш ќе останам таков. Не сакам да се сменам. Не сум рамнодушен кон она што ми се случи ама не сакам да се затворам дома и да патам. Животот оди понатаму, нема да биде исто, но гледам максимално да ми биде убаво и под овие околности. Кога останав психички здрав во најтешките моменти додека лежев неподвижен на интензивна нега во КАРИЛ, а околу мене умираа луѓе, сега е полесно“, - оптимист е Ивица.

     Тој вели дека му е најважно да ја совлада првата препрека и да застане на двете нозе, а потоа ќе замине да работи во странство и да заработува за натамошните третмани, бидејќи надвор тату занаетот многу се цени и добро е платен.

    Сообраќајката во која е тешко повреден Ивица се случила на 9 јули годинава пред зградата во која живее, еден час по полноќ додека со своја пријателка се возеле на мотор по булеварот „Октомвриска револуција“. На раскрсницата кај спортска сала директно во нив удрил џип и тешко ги повредил.