500x100-1
21. 09. 2019 16:10

Се одржа манифестацијата „Органска трпеза“

Се одржа манифестацијата „Органска трпеза“

Стотина производители на органска храна од земјава и странство учествуваа на вториот Меѓународен саем на органски производи „Органска трпеза“, кој денеска се одржа во спортската сала во Куманово.

На саемот беа изложено најразновидни производи од месо, млеко, пекарски производи, свежи и преработки од овошје и зеленчук, најразлични видови на вина и ракија, сокови, мед и друго, кои граѓаните можеа дел и да дегустираат.

„За разлика од минатата година, оваа година саемот е многу поуспешен, затоа што покрај производителите на органска храна имаше и производители на органски сокови, козметика, амбалажа, призводи од мед. Генерално сме презадоволни од настанот. Како што расне интересот за саемот така за наредната година ќе работиме на подобра организација, повеќе учесници од земјава и странство, и се надевам дека саемот ќе стане препознатвив бренд не само за градот туку и за државата“, - изјави Благица Цветковиќ, претседателка на здружението „Живот“, организатори на манифестацијата.

Присутните ги поздрави и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, кои истакна дека државата ги поддржува органските производители во делот на директните плаќања, процесот на сертификација и извозот на органските производи.

„До крајот на годината ќе се објави и мерката за поддршка на отворање на органски продавници. Го поддржуваме и извозот на органски производи преку финансирање на учество на нашите бизниси на најголемиот саем за органско производство во светот Биофах во Германија, а како дел од нашето национално богатство, нашите органски производи се застапени и на секој саем надвор од нашата држава“,- изјави министерот Димковски.

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска, нагласи дека саемот си го зема местото кое го заслужува и прераснува во меѓународна манифестација, а трпезата е симбол за зачувување на традицијата и симбол на заедништвото.

„Кога станува збор за органска трпеза тогаш покажуваме дека ги следиме најсовремените текови за здрава храна и дека сме подрачје со незагадена животна средина, погодно за одгледување на органска храна. Ние како локална самоуправа и покрај малите ингиренции во оваа област, ги подржува сите владини мерки и политики и работиме на создавање на клима за успешна работа и промоција на нашите земјоделски производители“, - изјави Мургашанска.

На манифестацијата присуствуваше и заменик- шефот на мисијата во Амбасадата на Швајцарија , Стефан Томажан, којшто посочи дека Владата на Швајцарија во следните години ќе ја продолжат поддршката во делот на развојот на органското производство во Македонија.

Се одржа манифестацијата „Органска трпеза“