Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Членството во најмоќниот воено-политички сојуз на денешницата значи дека влегуваме во еден систем на колективна безбедност, дека каков било напад на државата, значи напад на сите останати 29 земји-членки, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на синоќешната панел дискусија во Куманово, како дел од НАТО-Карванот организиран од Инфо центарот за евроатлантски интеграции.
„Освен политички знак, членството во Алијансата е и знак за позитивните економски трендови. Во годината во која што ја добивме поканата за НАТО ние имавме четири пати повеќе странски инвестиции од претходната година, односно повеќе од вкупните инвестиции во 2012, 2013 и 2014 година. Членството во НАТО има и позитивна политичка, но и позитивна економска страна“, рече Шекеринска.
Според неа, „на земјава наскоро ѝ претстојат одлуки кои ќе покажат дека граѓаните немаат дилема околу нашата евроатлантска ориентација”.
Шекеринска додаде и дека армискиот состав се подмладува – минатата година со 375 нови професионални војници, годинава досега со 125, а до крајот на 2019-тата уште со 125 нови војници.
На панел дискусијата учествуваше и амбасадорката на Црна Гора, Марија Петровиќ која искажа поддршка на нашата земја по минатонеделните одлуки на ЕУ.