×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Собирачите на отпад со неизвесна судбина

    15.12.2018 10:12 | KumanovoNews

     Контејнерот е работното место на 39 годишниот Фатмир Шабани од Куманово, кој секој ден со количка по кумановските улици, собира пластика. Буричка низ отпадот и бара пластична амбалажа, која може да се продаде и на тој начин да го прехрани своето семејство.

    Собирачите на отпад со неизвесна судбина

    Шабани не е единствениот кумановец, кој преживува од собирање пластика. Според неофицијалната статистика од сопствениците на отпади во Куманово, во нивните бележници се регистрирани над 1800 луѓе од различни возрасти и пол, кои во одреден период од годината носат на продажба пластични производи, кои ги собираат по контејнерите и депониите во градот, а нивната работа не е регистрирана. Сe проценува дека на територијата на Република Македонија постојат околу 5.000 неформални собирачи на отпад, кои се маргинализирани, дискриминирани и со ограничени социјални права.

    Не дај боже на никого да му се случи ова што на нас Ромите и Македонците, кои одиме по контејнери. Од немаштија одиме да собираме. А, по контејнерите има сешто, -изјави Фатмир Шабани, собирач на пластика.

     Мора да сoбираме шишиња. Нема од каде да јадеме. Десет души сме дома. Само од тоа живееме, немаме друг приход. Социјално не земаме,- изјави Ајше Шабановиќ, собирач на пластика.

    Неформалните собирачи на отпад, во најголем дел се од семејства со нерешен социјален статус, кои живеат во импровизирани домови или дивоградби. Се работи за луѓе со недоволно образование, поради што не се конкурентни на пазарот на трудот. Најголем дел од нив се корисници на минимална социјална помош или воопшто не примаат никаков надомест од државата.

    Нашите соговорници тврдат дека заработката од собирање на пластика во Куманово е минимална, затоа што конкуренцијата е голема. Со солзи во очите и со растреперен глас, Фатмир раскажува дека нивната борба за секое шише е немилосрдна. Почнува рано наутро, а завршува доцна навечер. Мора да си побрз од другите за да опстанеш, а никогаш не се знае колку ќе заработиш.

     Како да ти кажам. Колку да можеме да се прехраниме. 100 денари, 200 денари, 300 денари. Некојпат нема ич. Многу луѓе собираат. Јас се заразив од инекција и добив инфекција, па едвај се излечив. Потоа се разболев од тумор на мал мозок во 2000 година. Некогаш не паметам, некогаш ногата не ми е добра. Од немаштина мора да поработуваме нешто да ги купиме лекови. По 800 денари е една кутија, а мене ми треба 4-5 кутии, плус за другите,- вели Фатмир.

     Да не работи моето дете, да собира флаше, картони ние нема од што да живеем.  Земаме 4000 денари постојана парична помош. Он да не работи ние ќе трпиме за леб. Јас од шеќер сум болен од срце сум болен, -изјави Сефедин Шабановски, татко на Фатмир.

    Фатмир Шабани живее во населбата Бавчи, а со собирање на отпад се занимава откако памети за себе. Се сеќава дека како седумгодишно дете, додека неговите врсници се играле откако ќе се вратат од училиште, тој со импровизирана количка ги поминувал сите контејнери во градот за да собере што повеќе пластика, метал... Секој денар во семејството им бил добредојден, поради болеста на неговите родители. Во меѓувреме и тој формирал семејство, но му се нарушило здравјето, па со постојаната парична помош по основ на инвалидност не може да ги покрие ни трошоците за лекови.

    Заштитната опрема и здравственото осигурување се од клучно значење во работата на оваа група на луѓе. Освен што самите директно се изложени на зарази, индиректно постои опасност од појава на сериозни болести и инфекциии и на членовите од нивните семејства. Тие немаат средства да обезбедат соодветна опрема за заштита, а државата не покажува интерес да им помогне. Им помагаат отпадите каде што ја продаваат пластиката.

    Колку можеме ние како отпад помагаме со ракавици, со чевли, со облека, но тоа е ништо во однос на тоа ако државата не поведе ред за нив и не ги регистрира. Државата со некој документ да им даде, да смисли нешто да ги осигура, тие луѓе да имаат некоја социјална сигурност. Кај нас се фрла се заедно и тој брца во тие контејнери, и илјада болести може да добие. Ретко кој од нив е здрав, нека ги прегледа па да видите дека 95 отсто се со некое заболување. Државата да ги опреми со чизми со ракавици, со шламови, зимска опрема. Да им обезбеди лекување, како што имаат метлачите во Куманово, - кажува Лазар Таневски, сопственик на отпад.

    Општина Куманово во 2014 година, со неколку невладини организации изработи Локален акциски план за вклученост на неформалните собирачи на отпад. Бобан Бојковски, инспектор по животна средина во Општина Куманово, беше дел од тимот кој работеше на планот. Тој вели дека идејата за усвојување на документот била да им се овозможи на сите невладини организации, коишто ќе аплицираат пред домашни или странски донатори да имаат силен инструмент во рацете дека Општина Куманово ќе ги подржи доколку работат на проекти за унапредување и подобрување на условите за работа на неформалните собирачи.Според Бојковски, општините се немоќни сами да се спрват со проблемот, бидејќи државата нема организиран систем за управување со отпад.

    Ние за ваков систем зборуваме на национално ниво за стратегија од 2007 година која требаше да се реализира. Поминаа сите рокови. Понатаму ние како Североисточен плански регион сме во тој процес за формирање заедно со Источниот регион, сега и другите региони во Македонија. Конечно да се направи организиран систем за управување на отпад. Овие луѓе се појавија затоа што имаше субвенционирање на Пет амбалажата. , - изјави Бобан Бојковски, инспектор по животна средина во Општина Куманово.

    Покрај институционалните пропусти, Бојковски смета дека за состојбата во која се наоѓаат неформалните собирачи дел се виновни и самите, затоа што не прифатиле организирано да настапат на пазарот на трудот.

    Надлежните и граѓаните имаат забелешки на навиките и однесувањето на дивите собирачи кон животната средина, бидејќи немаат поминато соодветна обука за собирање и селектирање на отпад.

     Сепак, позитивната страна на нивната работа е непроценлива, бидејќи тие се единствени во државата што ја собираат пластиката од јавните површини и со тоа го спречуваат понатамошното загадување на животната средина од најразновиден тешко разградлов отпад. Истовремено со процесот на рециклирање не се произведуваат нови количини на пластични призводи, туку се користи истата суровина.Од неодамна во Куманово на 15 локации се поставени контејнери за примарна селекција на отпад, а тоа значи помалку работа за собирачите на пластика, хартија и стакло.

    Директорот на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски вели дека Општината мора да ја заштити животната средина, а проблемот со дивите собирачи ќе се обиде да го реши на задоволство на двете страни.

    Она што ние сега треба да го направиме е да направиме анализа за колкав број на луѓе станува збор, која е таа категорија на луѓе, па подоцна како јавно претпријатие да поднесеме иницијатива до Општина Куманово и во заеднички рамки да изнајдеме начин како тие луѓе да ги вклучиме во работењето на јавното претпријатие. Да можат некако да си обезбедат парче леб, како што треба во законска форма, а од друга страна и самото јавно претпријатие да има бенифит од тие луѓе и да ги искористи кога веќе решиле да работат на таа проблематика. Јас сум оптимист дека ќе започна и дополнителна селекција на самата депонија, тогаш тие луѓе и те како ќе се добредојдени за самото јавно-претпријатие. Она што е потребно е само да ја изнајдеме формата и начинот како тие луѓе да бидат вклучени во работењето на јавното претпријатие, - изјава Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.

     Во добро организираниот систем за управување со отпад неформалните собирачи полека ја губат својата улога и нив едноставно нема да ги има. Ако ние имаме добро организиран систем за управување со отпад, нема да се фрлаат пластична амбалажа по реки, односно на јавно прометна површина, туку ќе има точно определен начина како тоа ќе се собира. Ќе имаме пред се примарна селекција на отпад и како се третита. Така да ние се помалку и помалку општеството ќе има потреба од овие неформални собирачи на отпад, - заклучува инспекторот Бојковски.

    Центарот за ромска заедница ДРОМ и Македонското здружение за заштита при работа(МЗЗПР), преку проектот „Вклучување на собирачи на секундарни ресурси од комунален отпад од Куманово и Крива Паланка во системот за Безбедности и заштита при работа(БЗР) на локално и национално ниво“, обезбеди 118 одела за заштита при работа, кои ќе бидат поделени на неформалните собирачи на отпад во Куманово и Крива Паланка. Истовремено е формиран клуб на собирачи на отпад во просториите на Центарот за ромска заедница ДРОМ во Куманово. Преку овие активности ќе се помогне да се подобрат условите за работа и ќе се даде подршка на неформалните собирачи на отпад, додека не се најде системско решение за натрпаните проблеми на оваа група на граѓани и нивните семејства.