×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Советниците бараат поголема финансиска дисциплина од угостителите во Куманово

    12.07.2018 11:22 | KumanovoNews

    Поголема финансиска дисциплина од угостителите и поголема ефикасност од надлежните општински служби, бараат советниците, по информацијата дека 90 отсто од нив не плаќаат закуп на државното земјиште на кое поставиле урбана опрема.

    Советниците бараат поголема финансиска дисциплина од угостителите во Куманово

    Претставниците на локалниот парламент го оценија како срамно и недопустиво однесувањето на поголемиот дел од угостителите, кои создаваат профит на јавна површина, а немаат општествена одговорност.

    „Поразително е ниска цената по која што угостителите ги користат јавните површини во Општина Куманово. Јас се обидов да направам една анализа, сега ќе импровизирам, бидејќи немам точни податоци. Ако споредиме вредност на закупнина на една тезга на градскиот пазар, која што зафаќа површина од 4 метри квадратни, на годишно ниво се плаќа околу 25.000 денари. Ние имаме угостителски објекти кои зафаќаат многу поголема површина, а ја користата не само 3-4 месеци, туку и цела година“, - изјави советникот Миле Андоновски, од Партијата на пензионерите.

      Пред 3 години Советот донел одлука со која ги намалил цените за издавање на јавна површина градежното земјиште пред самите локали на угостителски објекти. Наместо тогашните 15 денари, извршена е категоризација по реони и сега цената изнесува 8, 7 и 6 денари денари по метар квадратен на ден.

    Советникот Благојче Јаќимовиќ од НСДП, побара од угостителите да си ги намират долгот кон Општина Куманово, бидејќи таквиот однос е срам за нив, но и општинската администрација.

    „Минатата година имаме соберено 1.17 милиони денари во буџетот за угостителство. Тоа е исто колку за 50 тезги издадени на пазар. Ако имаме 70 угостителски објекти, да сме наплатиле по една тезга ќе имаме малку повеќе соберено пари. Јас како советник сакам да им помогнам на угостителите, но првенствено на Општина Куманово и на граѓаните. Ако ние за закуп на јавно-прометна површина како град обезбедиме близу 12-13 милиони денари, ние ќе имаме пари да направиме најмалку 2-3 улици, па ќе кажеме имаме бесправно поставени настрешници и покривачи, кои сега изгледаат убаво, ама Општина Куманово има бенифит“, - изјави Јаќимовиќ.

    Претседателката на Советот Атина Мургашанска, смета дека членовите на бизнис заедницата мора да ги извршуваат своите обврски ако очекуваат од Советот да создаде услови: за приватна иницијатива, за развојно угостителство, за мали и средни претпријатија, кафеани, кафиќи, ресторани и хотели. Тоа се однесува особено на оние кои работат во централното градско подрачје и на поатрактивните локации во градот, со што им е дадена можност да создаваат профит, да развиваат своја егзистенција и кариера, па затоа имаат обврска повеќе, да го оддолжат  долгот кон Општината и државата.

    „Ова не го зборуваме напамет, туку имаме информации дека е крајно лоша финсиската дисциплина во извршувањето на обврските. Дел од нив се вадеа, условно кажано, на нерегулираноста на оваа материја, а дел тоа го прават затоа што така им одговара, во обид за ги заобилокат прописите. Ние како општина Куманово мора да настојуваме да бидат максимално дисциплинирани. Треба сите да се обединиме и да ги решиме овие проблеми, бидејќи угостителите немаат одговорност само пред сопствениот профит и интерес, туку имаат и општествена одговорност“, - изјави Мургашанска.

    Таа им порача на угостителите дека за неколку месеци ќе направат ревизија на одлуката за унифицирање на урбаната опрема на јавни површини, и ќе бараат извештај од даночното одделение и другите надлежни сектори како оди наплатата.  Доколку состојбата не се промени ќе предложат неплаќачите наредната година да не добијат оддобрение за поставување на урбана опрема.

    Градоначалникот Максим Димитриевски најави средба со угостителите за да најде решение на проблемите.