Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мојот текст сакам да го започнам со цитат од угледниот весник „Вашингтон пост“, напишан непосредно по потпишувањето на договорот во Преспа.Таму се вели: „Во периодот што претстои потребна е поддршка за миротворците од Македонија и Грција од страна на креаторите на меѓународната политика, бидејќи договорот зависи од неговата ратификација во грчкиот парламент и негово одобрување на референдумот во Македонија.
Доколку овој долгоочекуван компромис стане жртва на национализмот и политичкиот комформизам, ќе настапи тажен ден за дипломатијата, и тоа ќе биде изгубена шанса за што двете земји многу брзо ќе зажалат“ .
И токму тие, креаторите на меѓународната политика, сите европски и светски политички авторитети во Договорот препознаа влог во иднината на двете земји , но, се разбира, и на Балканот.
За разлика од порано, сегашниот македонски и грчки премиер, покажаа сосема поинаков вид на политичко однесување и токму затоа и се изнајде решение на повеќедеценискот спор. Двајцата покажаа лидерство кое води и е насочено кон иднината. Всушност, во основа на политичкиот ангажман на двајцата премиери за решавање на спорот со името, препознаваме силна волја да се успеее, силна волја отворено и чесно да се разговара за очекувањата, но и стравовите на своите народи.
Сепак, на референдумот граѓаните ќе го имаат клучот за отворање на европската перспектива, за подобар живот, за стабилна и безбедна иднина, за економски развој на земјата. Успешниот референдум ќе значи перспектива и место во заедницата на европските народи како најдобра заштита на достоинството, идентитетот на македонските граѓани.
Историјата, несомнено, има незаменливо и мошне значајно место за нас, впрочем како и за секој народ. Постојат периоди кога е потребнo посебно знаење и храброст да се направат нови чекори кои ,секако, водат во подобра иднина. Токму сега е тој период за Македонија, момент кога треба да го направиме тој историски исчекор со повеќе надеж за благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани.
Во копнежот за една таква Македонија во која граѓаните се ослободени од стравовите, предрасудите на минатото, ги вложуваме нашите пориви, сон и надеж за иднина во која нашиот идентитет се нашите граѓани.
Договорот е вистинско решение до кое се стигна преку посветен, одговорен и патриотски ангажман.
Впрочем, факт е дека не постои држава во светот што немала или, пак, во моментот нема некакви проблеми со некоја друга држава. И најсилните држави имале и посложени проблеми од нашите кои соодветно ги решавале. Улогата на политиката не е тие проблеми да се зголемуваат, туку напротив да се решаваат. Токму тоа е направено со договорот со Грција.
Лидија Тасевска, пратеник на СДСМ во Собранието на РМ