500x100-1
11. 08. 2010 16:46

Стечајците отворија плажа во Куманово

Стечајците отворија плажа во Куманово

Педесетина стечајни работници од Здружението „Унит“ и оние прогласените како технолошки вишок, денеска два часа го блокираа влезот на Куманово. 

Незадоволни од игнорантскиот однос на власта на еден комичен и ироничен начин отворија стечајната плажа и од денеска до први септември и официјално го најавија својот „годишен одмор“. 

Со пуштањето на стечајнава плажа сакаме на еден траго-комичен начин да го искажеме нашиот револт за нерешавањето на статусот во кој се наоѓаме. Министрите кои беа заминати во Грција на годишните одмори ни испратија песок за нашата плажа, а имаме и скопски асвалт на кој не газеа нервозните возачи додека полицијата не реагираше. Донесовме базен како што можеше да се види, имаме и лежалки спрема нашите скромни можности. Од денеска започнуваат нашите годишни одмори кои ќе траат до први септември. Во меѓувреме ќе продолжиме со нашите активности, ќе потпишуваме спогодби со сите политички партии кои ќе бидат расположени да ни дадат подршка, но до тогаш нема да протестираме - рече претседателката Лилјана Ѓорѓиевска. 

На протестот им се приклучи и претседателот на синдикатот Ванчо Муратовски.

-Иако сеуште сум легитимен претседател на синдикатот, морам да кажам дека додека јас бев претседател немаше дваесетина стечајци по улициве туку имаше илјадници. Првиот проблем кај нив е масовноста. Протестираат само најзагрозените, додека другите се пасивно гледаат од страна  и чекаат друг да им ја заврши нивната работа. Денеска имам закажано состанок во Куманово, но еве иако случајно сум тука со нив сепак ги подржувам нивните активности. Револтиран сум од однесувањето на власта која имаше сили да изнајде околу 500 илјади евра за споменици, а не најде начин да обезбеди сто евра месечен надомест што е помалку од 10 милиони евра годишно за неколку илјадите стечајци - изјави Муратовски.

Над 10 000 стечајни работници од кумановските фирми што пропаднаа во време на транзицијата, останаа без работа и нерешено егзистенционално прашање. Иако стечајците тврдат дека се спорни најголем дел од приватизациите на фирмите, власта со став дека не им следува никаков надомест затоа што се излезени од фирми кои веќе биле во приватна сопственост. Стечајците после први сптември најавија масовни протести низ сите градови во државата.

Стечајците отворија плажа во Куманово