500x100-1
18. 08. 2019 08:15

Свадбарски обичаи во Старо Куманово

Свадбарски обичаи во Старо Куманово

Свадбите на нашите простори отсекогаш биле вистинско доживување, не само за младенците и нивните семејствата, туку и за соседите и за целиот град.

   Свадбената церемонија била главниот настан, но пред и по свадбата имало обичаи кои предизвикувале голем интерес кај сите. Еден од нив било земањето на чеизот од кај невестата, кој се вршел ден-два пред свадбата. Пред да се донесе кај младоженецот, дарот бил изложуван во најголемата одаја на невестата: сместен на кревети, маси, столови, но и во ходниците и чардаците доколку невестата била побогата и имала повеќе дар. Подоцна истиот чеиз бил изложуван и кај младоженецот, за да можат роднините, комшиите како и пријателите да дојдат и да го погледнат дарот. Во турското време чеизот бил пренесуван рачно од страна на младите луѓе, а подоцна почнал да се користи и пајтонот, кој за првпат го користел Георги Малински, кога се оженил со учителката Персида.

     На денот на свадбата со шише ракија или вино од кај младоженецот се одело кај кумот, за да го поканат да дојде на веселбата или како што знаат да кажат кумановци „да га земев од дома“. Кај кумот најчесто се задржувале кратко време, гостите ќе одиграле неколку ора за да слушнат комшиите дека станал кум, а потоа заедно со неговите роднини и прикумци (блиски луѓе на кумот) оделе во куќата на младоженецот. Најчесто „на чело“ оделе деца или пак возрасни кои го носеле дарот, погачата направена од маја, вино и печенно прасе или јагне. Пристигнувањето на младоженецот било знак дека може да се тргне по невестата, а потоа да се оди на венчање во црквата. При излегувањето од црквата свекрвата била таа која фрлала жито, леблебија и бонбончиња, а кумот фрлал ситни парички, на што децата извикувале „куме изгоре ти кесе“. Кога се враќале во домот на младоженецот, по венчавката во црква, младата била пречекувана со сито во кое имало жито, па преку неа се фрлало житото измешано со леблебија. Откако ќе се завршел овој обичај, при преминување на прагот кај младоженецот, невестата под раце ја воделе две жени - за да биде плодна и работлива во новото семејство. По завршувањето на овие адети, гостите седнувале на масите за да јадат, а гостите од кај девојката си оделе да ручаат во нејзината куќа. Меѓутоа, на одење накај дома, имале чуден обичај, тие требале да крадат лажици и други ситници од домот на младоженецот, како и обратно и гостите на младоженецот од кај невестата. Меѓутоа, сите украдени работи утредента требало да бидат вратени. Откако невестата ќе поминела една недела во новиот дом, младоженецот ја носел по гости, а таа со свекорот и свекрвата останувала кај кумот дури и до ден-два. Ова се правело за да и се даде можност на невестата да се оттргне малку од младоженецот и од работните обврски.

    Веќе по десетиот или петнаесетиот ден од свадбата, родителите на невестата оделе на гости-првиче, кај младоженецот. Тоа е стар македонски обичај за кој има и песна:

„Ај ти, мајко, ај ти мила мајко
ај меси ми пребела погача
наполни ми две здравици вино
јас ќе одам сестра да ја канам
да ја канам сестра на првиче“.

   Потоа истото го правеле и од страна на младоженецот. Свадбарите оделе со коли или пајтони, а пред нив трчале аберџии, луѓе кои најавувале дека сватовите доаѓаат и бргу ќе пристигнат. Првиот абереџија којшто ќе известел за доаѓањето на сватовите, добивал комплет бошчалак, а го ставале на масата да седи блиску до кумот.

   Имало уште еден специфичен обичај за Куманово. Доколку во првата брачна ноќ невестата излезе нечесна, најчесто, свекрвата наутро је качувала на магаре, покрај дисаѓи, полни со лајна и ја прaќала кај нејзините. По ова најчесто бракот се растурал, но имало случаи кога младоженецот си ја задржувал невестата.

   Ова се само дел од обичаите кои успеале да опстанат со текот на времето и да ја продолжат кумановската свадбарска церемонија која секогаш за цел имала да го круниса, обележи и овековечи спојувањето на двајца млади во семејна заедница. Заедница која младите треба да ги научи на меѓусебен соживот.

Користена литература („Старо Куманово“, Петар Трајковски)

Свадбарски обичаи во Старо Куманово