500x100-1
08. 01. 2019 10:50

Задолжителна кастрација на домашните миленичиња или глоба од 100 до 700 евра, предвидуваат законските имени

Задолжителна кастрација на домашните миленичиња или глоба од 100 до 700 евра, предвидуваат законските имени

Задолжителна кастрација и стерилизација на домашните миленици-кучиња и зголемување на глобите за физички и правни лица се предвидува со предлогот за измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните, предложен од група пратеници.

„Сопствениците на кучиња кога тие се во репродуктивен период се должни да ги кастрираат или стерилизираат во ветеринарни амбуланти, болници и клиники овластени со законските одредби за ветеринарна здравствена заштита, освен сопствениците на кучиња кои имаат регистрирано одгледувачници. Трошоците за овие постапки се на товар на сопствениците на кучиња“,- стои во законските измени, предложен од пратеничките Маја Морачанин, Лилјана Поповска, Никица Корубин, Ирена Стефоска, Ивана Туфекџиќ, Милева Ѓоргиева, Шпреса Хадри, Мирсада Емини Асани и Снежана Калеска Ванчева, пренесува порталот СДК.мк.

Во образложението на законските измени стои дека ваква мерка се предлага за да се спречи неконтролирано и неограничено зголемување на бројот на улични кучиња, кои во најголем дел потекнуваат од размножување на домашните миленици.

Со измените на Законот за заштита и благосостојба на животните се предлага глоба од 100 евра за сопствениците на кучиња кои нема да ги кастрираат и стерилизираат своите миленици.

Се предлага и зголемување на глобите за правни лица од 100 на 700 евра, како и зголемување на глобите за физичките лица од 10 до 15 евра на 100 евра, доколку ги прекршат одредбите од член 27 од Законот, односно ако не го пријават своето куче еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, потоа ако не истакнат табла која укажува на присуство на куче, ако на јавни места не ги држат на поводник, потоа ако не го пријават леглото во ветеринарна амбуланта, ако не ги пријават лицата кои ги вдомиле. Одгледувачниците на кучиња пак ќе платат ваква глоба ако не ја чуваат евиденцијата за домашните миленици четири години на увид на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Предлог измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на животните во прво читање е на денешната седница на Собранието. На расправата на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, која се одржа минатиот месец кажа дека размислуваат во иста насока, но дека Агенцијата подготвува сосем нов закон и дека проблемот не може да се реши само со кастрација.

Со измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на милениците што го предлага Агенцијата за храна и ветеринарство се забранува неконтролирано размножување и продажба на миленици, се забранува продажба на мачки и кучиња во продавниците за миленичиња, како и продажба на овие животни на малолетни лица.