×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Зградата на „Комитет“ е во државна сопственост, а Општина Куманово има корисничко право, тврди ВМРО-ДПМНЕ

    11.08.2018 13:03 | KumanovoNews

    Зградата на т.н. „Комитет“ е во сопственост на Република Македонија, а право на користење има единствено Општина Куманово, тврди ВМРО-ДПМНЕ, по преписката во јавноста кој ги користи и кој ги рента деловните простории во објектот на поранешните општествено-политички организации.

    Зградата на „Комитет“ е во државна сопственост, а Општина Куманово има корисничко право, тврди ВМРО-ДПМНЕ

    Претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, денеска на прес конференција презентираше имотни листови за сопственоста на објектот, и ја повика Општина Куманово и градоначалникот да го заштити општинскиот имот.

    - Имено, катастарската парцела број 17651, во катастарска општина Куманово, каде се наоѓаат објектите во состав на зградата позната како поранешен Комитет, поседува два имотни листови со број 15107 и 72960. Во овие имотни листови како сопственик на овие објекти е евидентирана Република Македонија, а правото на користење го има Општина Куманово. Ако сопственик на зградата на поранешниот Комитет не е СДСМ, Сојузот на борци на НОВ и Сојузот на синдикати на Македонија, туку е Република Македонија, а правото на користење го има Општина Куманово, логички се поставуваат следниве прашања: кој и во чие име досега ги потпишувал договорите за користење на просториите од посочениот објект, на чија сметка се уплаќаат парите од надоместокот, дали овие пари се користени за незаконско финанисирање на кампањите на СДСМ, - праша Петрушевски?

    Тој смета дека во одговорите на овие прашања се крие до сега невиден скандал во Општина Куманово и затоа ги повикува: ОЈО, Финансиската полиција, УЈП и Државниот ревизор, да реагираат по допрен глас и да го утврдат текот на парите од закупнината во сите изминати години.

    - Зградата на поранешниот „Комитет“ е изградена во 1976 година со заеднички средства на ОО на СКМ Куманово, Општинска синдикална организација, Собрание на Општина Куманово и ОО на Сојуз на борци од НОБ од Куманово, како и со донација од стопански работни организации или во превод со пари на сите граѓани на Општина Куманово и единствен логичен сопственик на посочениот објект може и мора да биде Општина Куманово. Затоа го повикувам претседателот на ОО на СДСМ во Куманово да се откаже од намерата за судска узурпација на зградата на поранешен „Комитет“ и истата да ја остави во владение на Општина Куманово. Исто така, ја поздравувам намерата на градоначалникот, за разгледување на сите склучени договори со сите корисниците на простор во посочениот објект и истото транспарентно да го објави пред кумановската јавност. Воедно го повикувам, во согласност со своите надлежности, да обезбеди правилно и законито користење на сопственоста на општината, поточно да ја заштити општинската сопственост поранешниот „Комитет“ и наместо да се планира градење на нова општинска зграда, да се уреди овој репрезентативен објект за потребите на Општината, - вели Петрушевски.

    По обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека просториите во зградата на „Комитет“ на нетранспарентен начин се даваат на користење на угостителски објекти, градоначалникот Максим Димитриевски се огради дека Општината нема издадено дозвола за користење на наведениот простор, бидејќи истиот го користат и со него управуваат СДСМ, Сојузот на борци и Сојузот на синдикати, додека претседателот на СДСМ Мартин Костовски најави дека неговата партија ќе поведе судска постапка, заради утврдување на сопственоста на зградата на поранешен „Комитет“, бидејќи тие се законски наследници на Сојузот на комунисти и имаат право на поседување и управување со конкретниот имот.