Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Шест дувачки оркестри настапија во рамки на 13. манифестација „Рома труба фест“ на Градскиот плоштад во Куманово.
Посетителите имаа можност да уживаат во џез, народна и блех музика, во извонредните настапи на оркестрите на „Џамбо Агушев“ „Кеми Асанов“, „Кристијан Трајковиќ“, „Исидор Зечировиќ“, „Владимир Ивановиќ“, „Елвис – Дејвид Бајрамовиќ“ и „Мартин Салијевиќ“. Ѕвезди на вечерта беа Тони Димитриоски од Австралија и пејачите Стојне Николова и Ристе Ристески.
- Благодарност до сите учесници на овогодинешниот фестивал. Задоволен сум од самата организација и самите учесници. За жал морам да кажам дека сите толку добри учесници ги користиме само за еден ден. Очекувам и се надевам дека наредната година овој фестивал ќе се случува два до три дена, затоа што и самата публика тоа го бара - изјави Самет Салиевски, претседател ансамблот „Рушит Шакир“.
Уметнички директор на фестивалот Ферус Мустафов, смета дека се потребни повеќе вакви манифестации и во другите градови во државата.
Публиката беше презадоволна од организацијата и изборот на гостите.
- Одлична понуда. Настапија реномирани оркестри и музичари од регионот со светска кариера. Честитки за организаторот и навистина е потребно фестивалот да трае неколку дена по примерот на Гуча во Србија, - вели една посетителка.
Фестивалот традиционално го организира Ансамблот на народни ромски игри и песни „Рушит Шакир“, а е под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово и Министерството за култура на Република Македонија.
Учесниците на фестивалот претходно продефилираа низ улиците во централното градско подрачје.