Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во среда (5.09) на Градскиот плоштад во Куманово ќе се одржи традиционалната музичка манифестација „Рома-труба фест“.
На дувачките средби ќе настапат 8 трубачки оркестри, а ѕвезда на вечерта ќе биде пејачката Стојне Николова, која ќе ја отпее химната на Ромите „Џелем, џелем“ и Ристе Ристевски, учесник на Гранд звезди. Концерт ќе одржи Џамбо Агушев.
- Како секоја година, така и оваа по 13 пат Куманово е домаќин на „Рома-труба фест“. Ќе учествуваат најдобрите оркестри од регионот и тоа: „Кемал Асанов“ од Струмица, Ферус Мустафов -Кинг од Куманово, „Кристијан Трајковиќ“, „Исидор Зечевиќ“,„Владимир Ивановиќ“, „Елвис Дејвид Бајрамовиќ“ и „Мартин Салијевиќ“, сите од Србија. Специјални гости ќе бидат Ферус Мустафов и Тони Димитриовски од Австралија, кој за првпат ќе настапи во Куманово, а се работи за многу квалитетен трубач со освоени голем број на награди. Секој оркестар ќе има од 20 до 30 минути програма пред публиката. Имаме квалитена програма, и на љубителите на блех музиката ќе им понудиме добра забава, затоа ги повикувам граѓаните да дојдат во што поголем број, - изјави Самет Салиевски, уметнички директор на фестивалот.
Организатор на манифестацијата е Ансамблот на народни ромски игри и песни „Рушит Шакир“. Фестивалот се одржува една вечер, и ќе биде од ревијален карактер.
Салиевски најавува дека догодина, на прославата на 500 години Куманово, фестивалот ќе трае неколку дена, со многу придружни манифестации, со што ќе го потврди епитетот македонска Гуча.
Рома- труба фест се одржува со подршка на Општина Куманово и Министерството за култура.