×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „Рома труба фест“ празник на музиката во Куманово

    06.09.2019 10:31 | KumanovoNews

    На Градскиот плоштад во Куманово, синоќа беше отворена традиционалната музичка манифестација „Рома труба фест“, која се одржува по 14 пат во Куманово.

    „Рома труба фест“ празник на музиката во Куманово

    На фестивалот присуствуваше и министерот за култура Хусни Исмаили, кој го честиташе јубилејот 500 години Куманово и ги поздрави организаторите и гостите.

    „Драги пријатели, нека ви се множат годините и успесите. Чест ми е што вечерва, за првпат сум на овој дводневен прекрасен настан, во кој земаат учество големи домашни и странски имиња. Ние, како Министерство за култура го подржавме овој фестивал и се надеваме дека оваа традиција ќе продолжи и во иднината“,- им се обрати на присутните министерот Исмаили.

    На присутните им се обрати и градончалникот Максим Димитриевски и директорот на фестивалот Самет Салиевски.

    „Голема е честа 14 години да стоиш на оваа бина како организатор на една манифестација која се повеќе зема замав и не претставува секаде во светот. Кумановската публика знае да ги препознае вистинските вредности, го почитува квалитетот и мајсторите на својот инструмент“, - изјави Салиевски.

     Тој додаде дека посебно е чест и задоволство да се соработува со професионалци како што е групата од Франција која поминала 2.500 километри за да дојде на фестивалот.

    На првата фестивалска вечер настапија оркестрите: Уска Кан Кантуров од Берово, Кеми Асанов од Струмица, Ферус Мустафов од Скопје, Бојан Ристиќ од Србија,  оркестрите од Франција и Кипар и Бед Бојс.

     Членовите на оркестрите од Франција и Кипар, кои беа вистинско освежување на фестивалот,  велат дека за првпат се во Куманово и дека се пријатно изненадени од градот кој е пример за меѓусебно прифаќање на различностите.

     Синојка на Градскиот плоштад беше вистински празник на музиката и ромската песна. Почнувајќи од децата, повозрасните, па се` до постарите луѓе, сите заедно со насмевка на лицето уживаа во магичниот звук на трубата. „Рома труба фест“, вчера не` само што не` потсети колко музиката може да го оживее градот туку и повторно ни ја покажа убавината на звукот на трубата, која во македонскиот народ предизвикува исконско чувство на необјаснета убавина.

     Фестивалот продолжува вечерва со оркестарот на Џамбо Агушев и групата „Љубојна“, потоа следуваат Рос бенд Алимов, Среќко Ибраимовиќ, Синиша Станковиќ, млади Браќа Кадриеви од Белгија, како и оркестрите од Франција и Кипар.

    И оваа година фестивалот ќе биде од ревијален карактер.

    Манифестацијата се одржува под покровителство на Општина Куманово и Министерството за култура.